Откако минатиот месец беше укинат куќниот притвор на Мухамед Зекири, бившиот секретар на бившиот премиер Зоран Заев, сега се укинува куќниот притвор и на вториот Заев секретар, Драги Рашковски.
Укината е мерката куќен притвор за Драги Рашковски од Скопје и прифатена е гаранцијата како мерка за обезбедување на негово присуство во рамки на кривичната постапка што се води против него поради основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.3 на Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 на Кривичниот законик, соопштија утрово од Апелационен суд Скопје.
-Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КСЖ – 816/23 на нејавна седница на ден 03.11.2023 година, жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ja одби како неоснована и донесе решение со кое го потврди решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое е укината мерката куќен притвор и прифатена гаранција како мерка за обезбедување присуство против обвинетиот Д.Р. од С., во рамките на кривичната постапка која се води против обвинетиот, а поради основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.3 на Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 на Кривичниот законик, информираат од Апелација.Вака донесената одлука, посочуваат, ќе биде објавена во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
Минатиот месец куќниот притвор беше укинат и за екс генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири, а судењето против него продолжува по одредба која предвидува поблага казна. Ова е последица од измените на Кривичниот закон (КЗ) со кои се намалија казните за делото злоупотреба на службената положба за кое одговара Зекири.
Измените на Кривичниот законик предизвикаа промени и на судењето за екс генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири. Делото му е преквалификувано, а куќниот притвор укинат. Наместо ставот 5 кој беше избришан зо измените на КЗ сега ќе одговара за став 4 од делото злоупотреба на службената положба кој предвидува казна затвор од најмногу пет години. По стариот член му се закануваше казна затвор од најмалку пет до максимални 20 години.
Прво Рашковски, а потоа Зекири, беа секретари во владата и блиски соработници на бившиот премиер Зоран Заев.