Студените ноемвриски ноќи на Евромајдан ја променија Европа засекогаш, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во видео обраќањето по повод 10-годишнината од почетокот на протестите на плоштадот Евромајдан во Киев, додавајќи дека станува збор за изминати 10 години на достоинство, гордост и стремеж за слобода.

– Дури и тогаш Европа да не го сфати тоа, целиот народ излезе на улица и зборуваше во еден глас. Рековте: Украина припаѓа на Европа. И нашата иднина ни припаѓа нам. И затоа народот на Украина се обвитка во европски знамиња, пркосејќи им на снајперистите и на полицијата, наведе Фон дер Лајен во пораката.

Според неа, со протестите на Евромајдан, Украинците решија да бидат господари на сопствената иднина, па затоа и беа нападнати од рускиот претседател Владимир Путин.

– Со окупацијата на Крим, со дестабилизацијата на Донбас, а потоа во 2022 година и со целосна агресија врз вашата земја, војната на Русија против слободата на Украина трае десет долги години. Не само за жителите на Крим и Донбас, туку и за толку многу Украинци, додаде претседателката на Еврокомисијата.

Фон дер Лајен потсети на младиот активист Роман Ратушњи, кој како средношколец учествувал на протестите на Евромајдан, потоа станал борец против олигарсите и корупцијата, за на крајот да го заврши својот живот на бојното поле спротивставувајќи се на руските трупи.

– Но, неговиот сон продолжува. И денес Украина е поблиску од кога било до исполнување на тој сон, вели Фон дер Лајен во видео пораката.

Таа се осврна и приближувањето на земјата кон ЕУ, нагласувајќи дека украинскиот Парламент усвоил далекусежни реформи што ќе ја водат Украина кон Унија, а Европската комисија ценејќи го тоа предложи почеток на преговорите за членство.

– Денес е појасно од кога било: Иднината на Украина е во Европската унија. Иднината за која се бореше Мајдан конечно само што започна. Слава на Украина и да живее Европа, ја заврши Фон дер Лајен пораката по повод 10-годишнината од продемократските протести во Украина.

Протестите на централниот плоштад во Киев започнаа на 21 ноември 2013 година како реакција на одлуката на тогашниот украински претседател Виктор Јанукович да не го потпише Договорот за асоцијација меѓу Европската Унија и Украина, кој претходно со големо мнозинство беше одобрен од Врховната рада.

По тримесечни протести, за време на кои загинаа најмалку 120 лица, а речиси 3000 беа повредени, Јанукович и парламентарната опозиција на 21 февруари 2014 постигнаа договор за формирање влада на национално единство, за спроведување на уставни реформи и за одржување предвремени избори. Уште истиот ден, Јанукович и дел од министрите во неговата Влада го напуштија Киев, по што следниот ден Врховната рада го разреши од должноста претседател и избра привремена Влада.

Фото: Скриншот