Собраниската Комисија за култура денеска на седница треба да расправа за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, во второ читање. Предлагач на законот е Министерството за култура, а целта е подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба во јавната и во службената комуникација, почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во таа насока.
Со новиот закон, според предлагачот, ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката.
-Со Предлог-законот ќе се даде правна основа за донесување национална стратегија за македонскиот јазик. Министерството за образование и наука ќе објавува конкурси за стипендирање кадар за изучување на македонскиот јазик. Како и досега – и со овој закон проверката на потребното стручно знаење за лекторирање ќе се врши преку полагање испит за добивање лекторска лиценца. За вршење инспекциски надзор над примената на законот се предлага основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, се наведува во Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик.
Во рамки на денешната 10-та седница, пред членовите на Комисијата за култура за разгледување се на активностите за подготовка на предлог-програма за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2024 година.
Фото. МИА Архива