Ризо Ризов* говорејќи за периодот после Солунската афера, сведочи за средба меѓу врховистот Владимир Руменов* и Гоце Делчев. Во разговорот, Руменов почнал да изразува бугаромански и велико-бугарски ставови.
На тие зборови, Гоце гледал со презир и бес. Ставот на Делчев бил јасен и цврст – да се сочува самостојноста и независноста на организацијата, оти Бугарската влада има лоши намери спрема Македонија и не треба да се прима никаква помош од властите во Бугарија. Ризов раскажува:
„Одеднаш проговори д-р Руменов: ‘Господа, како што гледате, ние сме во многу тешка положба и не може да направиме ништо сами, зашто немаме пари. Затоа, ете, Бугарската влада ни нуди средства – да ги земеме и да свршиме работа.’ При тие зборови, Гоце скокна како попарен. Лицето одеднаш му се измени. Тој се намршти, ги сви рацете во тупаници и небаре морници му минаа. Та со решителен глас и гест, тој го пресече говорникот: ’Тоа не може, тоа нема да биде никогаш‘!”
Руменов и неговите придружници продолжиле со своите бугаромански ставови, а Ризов „никојпат дотогаш не го бил видел Гоце во таква раздразнета и jaросна состојба“, вели.
„Тој (Гоце) прво вложи сили да се совлада себеси, па се обиде да објасни какви погубни последици би имал еден ваков чекор – погубен и за Организациата и за Македонија. ’Да jа чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех!‘, повторуваше тој.“
Како противник на велико-бугаризмот, Гоце говори дека еднаш земени пари од Бугарија, при тогашните политички услови и атмосфера, значи обврзување… А, „и моралниот удар внатре, сред населението ќе бил страшен – луѓето ќе одвикнат сами да си ги задоволуваат своите потреби, сѐ ќе чекаат помош однадвор, ќе jа загубат својата самоувереност“ – а тоа води кон губење на самостојноста и независноста на Организацијата… На крај, Гоце рекол:
„Бугарската влада, којашто има чисти завозувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да jа исползува со таа „помош” создадената состојба на работите внатре – таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални повластици… Повторувам, ударот ќе биде страшен!”.
ИЗВОР: „Македонско дело”, Р.Р., „Мъката на Гоце”, 10 мај 1927, бр. 41, стр. 6 – 7.
* Ризо Ризов – деец на МРО – ТМОРО – ВМРО – ВМРО (Обединета). Соборец, истомисленик и пријател на Гоце Делчев, Јане Сандански, Павел Шатев, Димитрија Чуповски итн.
* Владимир Руменов (роден како Наум Мушевски) – првично деец на МРО кој потоа влегол во бугарските воени кругови и во групациите на Врховниот македонски комитет. Про-врховистички, т.е. про-бугарски настроен.