Премиерот во техничката Влада Талат Џафери на денешната средба со украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир истакна дека Македонија силно ја поддржува Украина, во услови на тешки моменти за украинскиот народ, кој веќе две години храбро се бори за својата слобода, известуваат од Владата.

Џафери нагласи дека, Македонија и нејзините граѓани, стојат цврсто покрај Украина и ќе продолжат да го прават тоа сè додека е потребно, во нејзината борба за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

– Украина ја има поддршката и за интеграциските аспирации во демократските сојузи на држави, и во таа насока, С. Македонија ја поздравува одлуката на Европскиот Совет да отвори пристапни преговори со неа, рече Џафери.

Тој посочи дека, освен формирањето на Советот НАТО-Украина, како членка сојузничка, Македонија е дел од пакетот на проширена политичка и практична поддршка на Украина, продолжувајќи со поддршката на политиката на отворени врати на Алијансата.

Премиерот Џафери потврди дека Владата стои на располагање за споделување искуства во делот на понатамошната интеграција на Украина во меѓународните демократски сојузи.

Амбасадорката Дир му ја честиташе новата функција на Џафери и изрази надеж дека тој и натаму ќе манифестира силна поддршка кон Украина.

– Амбасадорката се заблагодари за сета досегашна помош дадена од РС Македонија на Украина, како и на изнесената подготвеност за продолжување на истата, при што нагласи дека Украина тоа високо го цени и нема никогаш да го заборави. Дир ја поздрави подготвеноста на С. Македонија за споделување искуства и знаења во евро-атлантските интеграциски процеси со Украина, соопштуваат од Владата.

Фото: Влада