Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува денеска и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК). Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Кандидатите за претседател вчера ги соопштија и ДУИ кои го предлагаат министерот за надворешни работи Бујар Османи и Движење ЗНАМ-За Наша Македонија кои ќе настапат со лидерот Максим Димитриевски. Претходно СДСМ објавија дека нивен кандидат ќе биде актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, ВМРО-ДПМНЕ ја предлага професорката Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски е кандидат на ГРОМ, партијата што ја предводи, професорката Билјана Ванковска на Левица, Арбен Таравари на албанската опозициска коалиција ВРЕДИ. Својата независна кандатура за претседател во октомври, лани, прв ја најави Вело Марковски, иако е член на ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатурата на Османи ја објави претседателот на ДУИ Али Ахмети кој најави дека по изборите ќе се залага за уставни измени, за избор на претседател во Собранието и за впишување на Бугарите во Уставот. Во спротивно, како што рече, ДУИ нема да учествува во власта.
-Изборите кои се пред нас, парламентарните и претседателските, се од одлучувачка важност во оваa битка. Затоа на овие избори одлучивме да побараме од Вас да останеме заедно, да се построите со нас за реализација на нашето барање (од 2016 и 2020) за уставни измена и избор на Претседателот и Заменик претседател на државата во Собрание, вклучување на бугарската и другите заедници во Уставот и да и кажеме одлучно НЕ на Русија, и ДА на Европа. Пред Вас, давам одлучен завет дека ние нема да бидеме дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот и ќе одиме во опозиција за да се бориме и да ги победиме егзистенцијалните закани за нашата земја, порача Ахмети во видео обраќање.
Според Ахмети, изборот на претседател во Собрание е за поголема консензуалност и помалку трошење буџетски средства, а ДУИ по изборите ќе соработува со партиите кои ќе ја прифатат нивната платформа.
-Секоја политичка партија која го оспорува Охридскиот рамковен договор, Договорот за добрососедство, Преспанскиот договор, која ја оспорува независноста на Косово, со нас не може да има дијалог, рече Ахмети.
Професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова вчера потврди дека е кандидат за претседателка на државата од ВМРО-ДПМНЕ, откако беше единствена што се пријави на партискиот повик. Доколку стане претседателка ветува дека нејзините кандидати ќе бидат најдобрите во Уставниот суд и во Судскиот совет, а амбасадорите ќе се регрутираат врз основа на компетентност и стручност.
Во рекорден рок нејзините колеги и колешки ги собрале потребните 30 потписи, без нејзино знаење. Кандидатурата на Силјановска-Давкова допрва треба да се најде на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, по што треба да се достави до ДИК.
-Зошто се кандидирам? Од објективни и од субјективни причини. Објективните се резултатот од минатите избори. Големо признание е кога ќе добиете околу 380 илјади гласови, и тоа не само од партиските членови и симпатизери, туку и од граѓаните. Имам намера да собирам и 10 илјади потписи, бидејќи мислам дека траба рамноправна да бидам со сите други и се разбира, да повикувам повторно од оние кои не се во политиката или не се идеолошки и партиски определени, изјави Силјановска-Давкова.
Од СДСМ завчера брифираа дека на состанок на раководството е одлучено актулниот шеф на државата Стево Пендаровски да биде поддржан за кандидат за претседател на државата. За одлуката деновите треба да се изјаснат Извршниот и Централниот одбор на партијата, а промотивната конвенција е планирана за 3 – ти март.
Вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ Бојан Маричиќ, во коментар за предлогот на ДУИ за избор на претседател и потпретседател со двотретинско мнозинство во Парламентот вчера изјави дека секоја партија има легитимно право да изнесува предлози и идеи.
-Нашиот фокус е обезбедување на вториот мандат на Стево Пендаровски, кој треба да донесе стабилност, сигурност и европски пат. Секоја партија што ќе се фокусира на тоа ќе биде и наш партнер. И порано сме имале партии коишто истакнувале свои кандидати, меѓутоа ќе биде клучно во вториот круг сите да се обединиме во една точка, затоа што вториот круг со двајца кандидати ќе биде сликата едноставна. Изборот ќе биде или за продолжување на европските интеграции, стабилност, Северна Македонија како кредибилна НАТО членка и сериозен кандидат за членство во ЕУ 2030 година. Од друга страна ќе имаме понуда за нови авантури коишто не знаеме како ќе завршат, авантури што сигурно ќе отворат многу други прашања поврзани и со уставните прашања, но и со многу други отворени дилеми околу тоа каде ќе се движи државата. Ние немаме дилеми каде ќе се движи државата. Нашата понуда е стабилносот, сигурност и вистински пат и затоа сум убеден дека таа опција ќе победи во првиот круг на претседателските избори, изјави Маричиќ.
И покрај настапите со одделни претседателски кандидати, според него, не е исклучено излегувањето со заднички листи со ДУИ и со крилото на АА на Села на парламентарните избори. – Во наредните денови ќе има сигурно разговори на таа тема. Ние се уште не сме го заокружиле форматот на коалицирање за парламентарните избори, за претседателските веќе е јасно. Меѓутоа, наша цел е сите оние партии коишто веруваат во овие вредности што ги промовираме и за кои веруваме, дека ќе најдеме заеднички јазик како и да се договориме, дали во еден заеднички блок или во повеќе од еден блок. Целта треба да биде иста, а тоа е по 8 мај државата да има сигурна иднина и да не се дозволат авантури што ќе не вратат минимум 15 години назад, најави Маричиќ.
Максим Димитриевски, претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и градоначалник на Општина Куманово ја доби поддршката за кандидатурата за претседател синоќа на првиот конгрес на партијата.
Доколку биде избран за шеф на државата, Димитриевски рече дека ќе се заложи да се одредат црвените линии од кои нема отстапување.
-Политиките кои ќе се спроведуваат доколку граѓаните ни ја дадат довербата, ќе имаме модерна европска и силна држава Македонија. Силна економија и институции, владеење на правото, здравство за сите. Доколку ова го оствариме ние ја имаме Европа дома, порача Димитриевски.
Тој оцени дека предлогот претседателот на државата да се избира во Собрание, ќе го намали капацитетот на институциите на државата кои на граѓанинот можат да му гарантираат дополнителна сигурност.
Собирањето потписи ќе се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Постапката што почнува денеска трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени, од 8 до 20 часот, додека последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот.
Иницијативата за собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател и пратеници се поведува со поднесување на известување и изјава до ДИК од страна на предложениот кандидат, односно лицето овластено од негова страна со генерално известување заверено на нотар.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, додека вториот круг од изборите е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.
Фото: МИА Архива