Македонија е на само една недела пред почетокот од изборната кампања за претседател на државата и на неполн месец од почетокот на кампањата претстојните парламентарни избори.
Партиите ги прават последните подготовки за настап на двојните избори, програмите се веќе подготвени, а дел од проектите граѓаните веќе може да ги слушнат.
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма за парламентарните избори најави 1198 проекти, а дел од нив беа презентирани во јавноста од потпретседателот на партијата и носител на листа во ИЕ 2, Владо Мисајловски.
Повисоки пензии, учебник за најмладите, нов спортски објект во Гази Баба, рекордна инвестиција во спортот, реформи во судството, земјоделието, културата… Мисајловски најави и големи инвестиции во екологијата.
На прво место ни се граѓаните и мислам дека ќе имаме еден од најдобрите резултати во историјата. Сакам да покажеме дека заеднички можеме многу да направиме. Ќе имам многу средби со граѓани, јас сакам да сум со народот, кажа Мисајловски во гостувањето во емисијата „За или Против“ на телевизија Алфа.
Според Мисајловски, расположението кај граѓаните е големо за овие претстојни избори.
СДСМ и ДУИ направија мизерија во општеството, направија небезбедност, црнила. Тие и на овие избори лажат, како што правеле претходно. Ние кога ветуваме исполнуваме, ние велиме 5.000 денари за пензионерите и тие ќе ги имаат на сметка во првата година од владата на ВМРО-ДПМНЕ, за учениците ќе има книги и слично. За младите, пак, ќе ја возобновиме и подобриме мерката Купи куќа за да можат младите да дојдат полесно до свој дом. Дополнително, за секоја жена без разлика на имотната состојба или бројот на деца што ги има родено доколку сака ќе добие до 6 бесплатни ИН ВИТРО. Ќе има пари за нови фасади на куќите и зградите. Ќе биде завршен и автопатот Кичево-Охрид, ние го почнавме ние ќе го завршиме, посочи тој.
Потпретседателот Мисајловски укажа дека рејтинзите покажуваат дека животот е се полош.
Нашиот рејтинг е секој ден поголем, но еве да ги оставиме и рејтинзите, ние да работиме со граѓаните да видат дека сум тука за нив. И расположението кај граѓаните точно дека е против оваа се уште актуелна Влада на СДСМ и ДУИ. Единствена влада која може нешто да направи по претстојните избори е само влада на ВМРО-ДПМНЕ. Секој глас повеќе за нас значи одење во историја на СДСМ и ДУИ, нивниот криминал, корупција, изјави Мисајловски.
Во оваа програма на ВМРО-ДПМНЕ најавени се и рекордни 250 милиони евра годишно како помош за сите општини во Република Македонија.
Сакам да ја издвојам инвестицијата од 250 милиони евра или за четири години една милијарда евра помош за општините, тоа се средства предвидени за училишта, градинки, улици, паркови, потенцираше Мисајловски.
Мисајловски беше дециден дека мора напорно да се работи, бидејќи, како што вели, само така ќе се докаже дека Европа се носи дома, само со капитални проекти, зголемен стандард, функционален систем и пристоен живот за граѓаните ќе можеме побрзо да бидеме дел од европското семејство.
Исто така она што остави голем впечаток во оваа програма е најавата за формирањето на новото министерство за спорт, со што како што вели Мисајловски, спортот ќе биде кренат на највисоко ниво.
50 милиони евра во еден четиригодишен мандат директна поддршка за спортот во Македонија, нов спортски обијек во Гази Баба кој ќе го носи името Методија Андонов Ченто, како и стимулација за врвните спортски резултати на големи натпреварувања.
Укинување на балансерот е исто така еден од проектите кои ја соддржи програмата на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа се со цел конечно да се даде шанса на најдобрите луѓе во државата да се вработат.