Заради дваесетина несанирани диви депонии за отпад низ целата земја, судот на ЕУ донесе пресуда со која ја предупредува Словенија да донесе итни мерки за средување на таа состојба, а во спротивно и се закануваат санкции.
Како што пренесува Хина, во постапката која пред тој суд лани ја покрена Европската комисија, утврдено е дека со санирањето ќе се спречат здравствени и еколошки ризици. Не станува збор само за една таква постапка која против Словенија се води на судот поради нерешени проблеми за санирање на отпадот и обврските таквите диви депонии да се затворат и санираат. Така, судот на ЕУ, пред три години констатирал застои во санирањето на депониите на индустриски отпад и земјени ископи на подрачјето на индустриската зона во Цеље, заради што Европската комисија годинава на Словенија и изрече опомена.
Министерството за екологија во својата реакција на одлуката на европскиот суд појасни дека на Словенија засега не и се закануваат санкции и парични казни, но констатираните неправилности е потребно што поскоро да бидат отстранети, зашто во спротивно мерките за неисполнети преземени обврски ќе се заоструваат. Па, би можело да дојде и до парични казни поради нерешени еколошки проблеми кои се влечат со години.
Министерот за екологија, Јуре Лебен, неодамна при посетата на депонијата за комунален отпад близу Љубљана рече дека „земјата се дави во отпад“, и дека комуналните служби и локалните власти тие проблеми не ги решаваат.
Тој предупреди на тоа дека состојбата со транспортот на смет и рециклиерањето на отпадот треба да се среди и да се отворат депонии на т.н. еколошки деградирани подрачја.
За тоа се одобрени и средства од европските фондови, по што се објавени и тендери за транспорт на смет на сигурни локации и негова обработка. Се смета дека моментно ширум Словенија десетина илјади тони мешан комунален отпад, кој треба адекватно да се згрижи и да се премести на нови легални депонии.
Интересно во врска со ова е и неодамнешната објава во која Словенија беше прогласена за најчисто катче на светот. Тоа се случи само пред три месеца.
Имено, Обединетите нации ја прогласија 2017 година за меѓународна година за одржлив развој на туризмот. Земјата што освои најмногу бодови во сите категории и ја понесе победничката титула е Словенија, откако било утврдено дека оваа држава исполнила 96 од вкупно 100 индикатори за одржливост. Повеќето високо рангирани земји имале околу 80 задоволени индикатори, меѓу кои спаѓаат грижа за околината и климатските промени, биодиверзитетот, културната автентичност и многу други.
Сепак, оваа вест не беше изненадување со оглед на тоа што словенечката престолнина Љубљана во 2016 година ја понесе титулата најзелен град на Европа.
Оваа награда е резултат на напорната работа на владата, која воведе низа еколошки мерки и закони. Еден од нив е и законот кој предвидува обврска отпадот да се селектира на пластичен, хартиен и биоотпад уште во најраните фази. Со тоа се обезбеди барем една третина од вкупниот годишен отпад да биде рециклирана. Со воведувањето јавни велосипеди, автобуси кои користат природен гас и забрана за возење автомобили во центрите на поголемите градови, Словенците успеале драстично да ја намалат емисијата на штетни гасови. Исто така, природниот гас се користи и за греење на станбените простори.
Подолу објавуваме дел од фотографиите кои беа објавени летото во август кога Словенија ја доби светската награда за екологија и туризам како најчиста земја во светот.