Времето во Македонија денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Од пладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, засилен ветер и изолирана појава на град, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 21 до 29 степени. УВ индексот ќе биде 6.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност, од пладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Од петок под влијание на јужно воздушно струење времето ќе биде сончево и топло, а во попладневните часови ќе има услови за локална појава на пороен дожд, грмежи и краткотрајно невреме.
Најниска температура утрово од 4 степени Целзиусови е измерена во Лазарополе. Следат Берово со 5 степени, 6 во Попова Шапка, 7 Маврови Анови, 9 во Крива Паланка, Охрид, Битола и Крушево, 10 во Скопје-Петровец, Демир Капија, Тетово, Прилеп, Штип и во Струмица, 11 Виница, Куманово, Велес и 12 степени во Скопје кај Зајчев Рид, Дојран, Гевгелија и во Кавадарци.
Според податоците од водомерните места на УХМР, во изминатите 24 часа до 08 часот најмногу воден талог е наврнат во Дебар – 7 л/м2, потоа 4 во Крушево и Виница, 2 Струмица и 1 л/м2 во Лазарополе.