Европската Унија дава целосна поддршка на сеопфатниот патоказ предложен од американскиот претседателот Џо Бајден, кој би довел до траен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници и доставување на повеќе хуманитарна помош за Газа, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.
– ЕУ ги цени решителните напори на САД, Египет и Катар за олеснување на преговорите за ставање крај на војната меѓу Израел и Хамас, истовремено гарантирајќи ја безбедноста на Израел, на која ЕУ останува целосно посветена, наведува Борел во писмената изјава.
Според високиот претставник на ЕУ, загубени се премногу цивилни животи, па затоа итно е потребен траен прекин на огнот за да се обезбеди заштита на цивилите, безусловно и итно ослободување на сите заложници чија безбедност и благосостојба се загрижувачки и да се зголеми протокот на многу потребната хуманитарна помош во Газа со оглед на продлабочената хуманитарна криза .
– Мирот и стабилноста на Блискиот Исток се во интерес на двата народа, на регионот како целина, како и на глобално ниво. ЕУ ги повикува двете страни да го прифатат и исполнат предлогот од три фази и е подготвена да придонесе за заживување на политичкиот процес за траен и одржлив мир, заснован на решението за две држави и да поддржат координирани меѓународни напори за обнова на Газа, додава Борел во изјавата.
Американскиот претседател Бајден во петокот предложи план за прекин на огнот во Појасот Газа, кој предвидува три фази. Првата фаза опфаќа прогласување шестнеделен прекин на огнот, ослободување на дел од заложниците што ги држи Хамас, пред се повозрасни лица, жени и деца во замена за стотици палестински затвореници, враќање на палестинските цивили во Газа и доставување по 600 камиони хуманитарна помош дневно во Појасот. Втората фаза предвидува преговори за траен прекин на непријателствата меѓу Израел и Хамас во кој период би траело примирјето и третата фаза опфаќа импелментација на план за обнова на Газа.