Новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски ја презеде премиерската функција од досегашниот претседател на техничката Влада, Талат Џафери.
По пристигнувањето, премиерите имаа кратка средба во премиерскиот кабинет.
Досегашниот премиер, Џафери, му го честиташе стапувањето на премиерската должност на новоизбраниот претседател на Владата, Мицкоски, пришто му посака успешна и ефикасна работа, во интерес на сите граѓани на државата.
Констатирано беше дека преодната Влада и државните институции успешно одговорија на должноста за организирање слободни, фер и демократски изборни процеси и овозможија мирно и демократско примопредавање на власта. Ова се оцени како придонес во европското поведение на државата, којашто цели кон полноправно членство во Европската Унија.
Досегашниот премиер Џафери, посочи дека на државата, како и досега, и понатаму ѝ се потребни квалитетни реформи, со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните според европските демократски стандарди и вредности. Изразена е и надеж за високо ниво на политичка свест и соработка околу стратешките приоритети.
Мицкоски, денеска попладне, како што е најавено, ќе биде во работна посета на општина Штип.
Собранието по дводневна расправа синоќа со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада. Во владиниот кабинет ќе има 20 министерства, четири повеќе од досега. 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.
Мицкоски е 13-тиот премиер, кој ќе ја предводи 20. влада од осамостојувањето на државата.