На седницата, која се одржа вечерва, поради топлотниот бран и состојбата со пожарите, Владата одлучи кризната состојба да биде во траење од 30 дена.

Како што информираат од Владата, Министерството за внатрешни работи се задолжува да ангажира полициски сили во функција на поддршка при гасење на пожарите.

Министерството за здравство и здравствениот персонал од општа и медицина на трудот се задолжуваат да бидат во приправност за времетраењето на кризната состојба, додека Министерството за финансии се задолжува да обезбеди дополнителни наменски финансиски средства доколку за тоа се покаже потреба.

„Да се информираат претседателот на РС Македонија и Собранието на РС Македонија за донесената Одлука за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на РС Македонија, согласно член 31 од Законот за управување со кризи. За операционализација на Одлуката за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на РС Македонија, а врз основа на дадениот предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Владата на РС Македонија му предлага на претседателот на РС Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на РС Македонија (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици), во справувањето со кризната состојба“, се вели во соопштението на Владата.

Центарот за управување со кризи вечерва информира дека дел од пријавените пожари се уште се активни и според проценката на пожарникарите, нивни екипи вечерва ќе останат на терен.

Според информациите на ЦУК, активни се пожарите во атарот на селото Кањалево во општина Неготино, на планината Огражден во општина Ново Село, во селото Црнилиште, Прилепско, меѓу селата Драгоево и Селце во Штипско, меѓу селата Горно и Долно Лаповиќ во општина Конче и селото Јаболчиште во општина Велес.

Од утрово се интервенирало и од воздух на петте активни пожари од претходните денови.

Податоците со кои располага ЦУК говорат дека само за 12 дена во јули имало вкупно 173  пожари на отворен простор од пошироки размери.