Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави, а грчкиот весник Капитал објави дека тајното оружје на Грција поради, како што се тврди, непочитувањето на Договорот од Преспа од страна на премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Силјановска – Давкова ќе биде замрзнување на следните поглавја во преговорите на Македонија со ЕУ.

Весникот пишува дека можна е и блокада на користењето на ЕУ фондовите.

Весникот Капитал додава дека Грција размислува да ги замрзне следните поглавја во преговорите со ЕУ со што ќе воспостави директна блокада на европскиот пат паралелно со блокадата од Бугарија.

„Економското гушење што ќе биде предизвикано на соседната земја доколку Грција ја повлече рачната кочница на фондовите на ЕУ кои би биле насочени кон Скопје, веројатно не е нешто од помало значење за С. Македонија“, пишува весникот.

Еден по еден, грчкиот шеф на дипломатијата, Јоргос Герапетритис, ги прими вчера во својот кабинет лидерите на политичките и парламентарните партии на брифинг за темите од надворешната политика на Грција, меѓу кои и за Македонија.

Фокусот на брифингот на Герапетритис со политичките лидери во Грција било на три теми – Македонија, грчко-турските односи и кипарското прашање.

Засега не се откриваат детали што конкретно им било презентирано од шефот на грчката дипломатија на грчките политички лидери, пред се по прашањето на Македонија.