Пожарот во село Руѓинце, општина Старо Нагоричане е локализиран, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово и од територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане. Во пожарот кој избувнал во 15: 20 часот гореле дува трева, ниска вегетација, багреми.

– Успеваме да го локализираме, иако брзо се ширеше и постоеше можност да ги зафати куќите. Пристигнаа екипи од соседни општини и заеднички успеавме да го локализираме. Пожарот избувна на приватна парцела, се прошири и зафати површина од околу 15-тина хектари. После 22 часот е локализиран, изјави командирот на ТППЕ Старо Нагоричане, Далибор Трајковски.

Покрај осум пожарникари од Старо Нагоричане со три противпожарни возила, во гасењето на пожарот учествувале две противпожарни возила на кумановската противпожарна единица со шестмина пожарникари и една на Ранковце со двајца пожарникари. Екипа на противпожарна единица на Старо Нагоричане дежураа цела ноќ.

Во општина Старо Нагоричане, евидентиран е уште еден пожар кој зафатил површина од пет до шест хектари и исто така избувнал на приватна парцела. Во гасењето покрај пожарникари учествувала екипа на „Национални шуми“ и мештани.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2 376 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ биле 62,33%, а 37,67% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 64,33%, кон Итната медицинска помош 20,81%, кон пожарникарите 11,46%, а кон АМСМ 0,21% од реалните повици на 112.

Според ЦУК, имало и 910 повици за итни случаи на 112 што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (3,18%) и на тие што се именувани како „неитни повици“ (37,67%).

-Сите тие повици за итни случаи биле предмет на примање, на обработка и директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК), наведува ЦУК.

Вчера, информира ЦУК, имаше вкупно 24 пожари на отворено, од кои пет се активни, три се под контрола и 16 се изгаснати во последното деноноќие, согласно информациите добиени од регионалните центри за управување со кризи.

Активните пожари на отворен простор се во: Општина Лозово, кај с.Бикирлија, месност „Убого“, Општина Градско и кај Јаношево, Општина Неготино, каде гори ниска вегетација, Општина Македонски Брод , кај с.Тажево и с.Брезница, крак од пожарот кон ЈП „Јасен“ во правец кон месноста „Раставувачи за струја“ каде е зафатена борова шума, Општина Кочани, кај с.Главовица гори мешана шума, Општина Долнени, кај с.Долгаец и Маргари каде е зафатена висока трева и мешана деградирана шума и во Општина Демир Хисар, на Илинска Планина помеѓу селата Слоештица, Брежани и с.Плаќе каде интервенираатле 4 пожарникари од ТППЕ, 16 од ЈП „Национални шуми и 5 луќе од месното население, а гаснеле запалена ниска вегетација).

Трите пожари под контрола се во: Општина Старо Нагоричане, кај с.Ругинце каде горела ниска и мешана шума и во Општина Штип, кај с.Цршка каде горела ниска вегетација и во Општина Македонски Брод, кај с.Латово и с.Русјанци каде била зафатена мешана шума.

-Изгаснатите 16 пожари на отворено биле во: Општина Охрид, депонија Мауцкер (гореше ѓубриште); Општина Кратово, кај с.Татомир (каде што гореше мешана шума); Општина Босилово, меѓу с.Босилово и с.Турново (мешана шума); Општина Делчево, кај с.Очипала (ниска вегетација); Општина Гостивар, кај с.Чајле (ниска вегетација); Општина Старо Нагоричане, кај с.Степанце (ниска вегетација и грмушки); Општина Сарај, кај с.Семеиште, с.Чајлане и с.Арнакија (мешана шума); Општина Петровец, кај с.Бадар (ниска вегетација); Општина Желино:с.Лешница (ниска вегетација); Општина Берово, кај с.Будинарци (борова шума); Општина Струмица: с.Куклиш (депонија); Општина Гостивар, кај с.Чајле (ниска вегетација); Општина Крушево, имаше два (2) пожара, кај с.Саждево и кај с.Нерово (ниска вегетација) и во Општина Сарај, кај с.Дворце (ниска вегетација), наведува ЦУК.

фото: МИА архива