ДЕНЕСКА Е СВ. АПОЛИНАРИЈ: По три години на Балканот беше протеран назад во Равена во Италија, каде верните му се израдуваа

/ 05.08.2024

Денеска е 23 јули (по стар стил) и се слави Светиот свештеномаченик Аполинариј.

Ученик на Светиот апостол Петар, родум од градот Антиохија. Свети Петар го зеде со себе од Антиохија во Рим и во Рим го ракоположи за епископ на Равена.

Кога дојде во овој град, Аполинариј влезе во домот на некој војник Иринеј, на когошто му го исцели синот од слепило и со тоа целиот тој дом го обрати кон вера во Христа. Исто така ја исцели од некоја мака и жената на равенскиот военоначалник, па го крсти и неговиот дом.

Според желбата на овој военоначалник, Аполинариј остана да живее во неговиот дом. Тука направи и една домашна црква. И престојуваше во тој дом дванаесет години, проповедајќи го Евангелието и крштевајќи неверни.

Во повеќе наврати беше луто мачен од незнабожечките старешини, но сесилната Божја десница го поддржуваше и го спасуваше. Најпосле беше осуден на прогонство во Илирик (на Блаканот). Коработ со којшто патуваа се разби од буре и потона, а од сите патници се спаси само Аполинариј со двајцата војници и со своите клирици.

Бидејќи чудесно спасени, војниците поверуваа во силата на Аполинариевиот Бог и се крстија. Тогаш Аполинариј тргна да го проповеда Евангелието по целиот Балкан, спуштајќи се до Дунав.

Потоа се упати во Тракија, каде што под истиот голем притисок го ширеше Господовото Евангелие. После три години работа на Балканот беше протеран назад во Италија. Тој дојде во Равена, каде што верните необично му се израдуваа.

Кога слушнаа за ова, незнабожните старешини му пишаа на царот Веспазијан за Аполинариј како за маѓесник, па го прашаа дали да го предадат на смрт непријателот на нивните богови. На тоа царот одговори дека не треба да го убиваат, туку само да му побараат да им принесе жртва на нивните богови или да го протераат од градот, зашто вели: „Не прилега да му се одмаздуваме некому за боговите, бидејќи тие самите можат да им се одмаздат на своите непријатели ако се прогневат“.

Но, и покрај оваа царска наредба незнабошците го нападнаа Аполинариј и го избодоа со ножеви. Овој Божји слуга издивна од тешки рани, коишто го прославија во Царството Божјо.

Моштите на свети Аполинариј почиваат во Равена, во црквата што му е посветена.


Од истата категорија