Лишен од слобода маж од Велешко поради предизвикување пожар, објави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
– На 07.08.2024 во 12 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиja од слобода С.М.(50) од с.Ореше, општина Чашка, поради сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Тој се сомничи дека на 06.08.2024 околу 12.00 часот предизвикал пожар во реонот на с.Папрадиште кон с.Ореше, при што изгорела поголема површина со нискостеблеста шума и остатоци од сеча. Од него биле одземени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делото, а во службен разговор во полициска станица тој го признал делото. За настанот е известен јавен обвинител и поднесена е кривична пријава за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност” по чл. 288 од КЗ, објави на својот Тошковски на својот официјален профил на Фејсбук.
Ветрот кој непрекинато дува од утрово повторно го разгоре шумскиот пожар помеѓу селата Ореше и Папрадиште што од завчера беснее во реонот на планинскиот масив на Азот во Општина Чашка. Со пожарот е зафатена мешана дабова и букова шума.
Како што информира за МИА Жаклина Гушева, директорка на Шумското стопанство „Бабуна“ – Велес во рамки на ЈП „Национални шуми“, нивни екипи со десетмина вработени завчера, вчера и утрово деноноќно и се уште се на терен, вклучени во гаснење на пожарот. На помош им е и екипа од Општина Чашка.
Поради разгорување на пожарот тие утрово упатиле итен повик до ЦУК, како и вчера и денеска, за што поскоро гаснење да им испратат два хеликоптера.
Вчера во гаснењето на пожарот со координација на ЦУК беа вклучени два хеликоптера, еден на Армијата и еден на МВР, кои полнеа вода од мобилизиран базен што го поставија активисти на Црвениот крст.
Првиот ден во гаснењето на пожарот беа вклучени и пожарникари од ТППЕ Велес.