Швајцарскиот министер за надворешни работи, Ињацио Касис, денеска изјави дека потпишал заедничка декларација со италијанскиот колега Антонио Тајани, во која се изразува „длабока загриженост“ за руската агресија во Украина, но истакна дека Москва треба да биде присутна на следната мировна средба.

Во средината на јуни, Швајцарија беше домаќин на десетици светски лидери на средба која имаше за цел да најде пат кон мирот во Украина, но Русија не беше поканета.

„Го поддржуваме свикувањето на втора мировна средба на која ќе бидат присутни сите страни, вклучувајќи ја и Русија“, напиша Касис на мрежата Икс.

Тајани и Касис ги повикаа сите страни да не штедат напори за „создавање на заедничка платформа за преговори“, која треба да биде заснована на почитување на принципите на меѓународното право, содржани во Повелбата на ОН, како и на принципите за територијалниот интегритет и суверенитет на државите, пренесува ДПА.

Според министрите, мирот може да се постигне само преку учество на сите засегнати страни и дијалог меѓу нив.

фото: ЕПА