Се радувам на тужбата што е најавена и едвај чекам да ја видам, а потоа да се соочиме и на суд. Апсолутно имам аргументи за сè што сум напишала и за сè што денеска говорам и ќе говорам и во иднина, изјави пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, во врска со тужбата која против неа ја најави премиерот Христијан Мицкоски откако таа го обвини дека ги одобрува криминалните престрелки во главниот град.

Говорејќи во интервју за ТВ 21, Петровска оцени дека „по серијата инциденти во Скопје никој не може каже дека се чувствува безбедно“, а одговорноста за тоа ја посочи во претседателот на Владата зашто, како што рече, „тој аминува нечија неспособност во Министерството за внатрешни работи“.

Додаде дека Мицкоски не може да се затскрива зад најавите за тужби или, пак, емотивно зад своето семејство зашто фокусот не е на семејството на премиерот, туку на два милиони граѓани кои имаат право на безбедност.

Премиерот  Мицкоски вчера најави дека ќе поднесе тужба против пратеничката од СДСМ, Петровска, по нејзината изјава оти тој ги одобрувал криминалните престрелки што се случуваат во главниот град. Мицкоски оцени дека не е првпат, а се сомнева дека не и последен, како Петровска му нанела удар нему, а со тоа и на неговото семејство на, како што рече, подмолен начин со многу лаги, измислици и конструкции.