10 декември
– Меѓународен ден на правата на човекот
1520.- Германскиот црковен реформатор Мартин Лутер ги прекина сите врски со Рим.
1603.- Умре англискиот лекар и физичар Вилијам Гилберт, наречен „татко на електрицитетите“, личен лекар на кралицата Елизабета Прва. Во физиката се прославил, иако таа гранка му била само хоби, со капиталното дело „За магнетите“. Докажал дека Земјата е голема топка-магнет и дека иглата на компасот не управува според небото, како што дотогаш се верувало, туку според магнетните полови на планетата. Со сфаќањата на магнетизмот на небеските тела и електрицитетот силно влијаел на развојот на науката во 17. век.
1819.- Роден е италијанскиот револуционер Фелице Орсини, еден од најистакнатите членови на „Млада Италија“, движење за ослободување и обединување на италијанските земји. Во 1858 година се обидел да изврши атентат врз францускиот цар Наполеон Трети, по што бил погубен. Дела: „Австриски темници“, „Спомени и авантури“, „Политички спомени“.
1822.- Роден е Сезар Франк, француски композитор од белгиско потекло, оргулист, еден од најголемите творци во француската музика во 19 век. Дела: „Симфонија d-mol“, симфониските поеми „Eolides“, „Psyche“, „Les Djinns“, „Симфониски варијации за клавир и оркестар“, соната за виолина и клавир, клавирски квинтет, композиции за оргули и за клавир. Умрел на 8 ноември 1890 година.
1830.- Родена е Емили Дикинсон, најголемата американска поетеса. За време на својот прозаичен живот на осамена домаќинка објавила само четири песни, додека посмртно беа откриени повеќе од илјада песни, а потоа објавени во шест тома. Умрела во 1886 година.
1845.- Англискиот градежен инженер Роберт Томпсон ја патентираше првата пневматска гума.
1868.- Првите семафори за регулирање на сообраќајот во светот почнаа да работат во Лондон, на булеварот пред зградата на парламентот.
1896.- Во Сан Ремо умре Алфред Нобел, шведски хемичар, пронаоѓач и индустријалец. Во 1867 година го пронајде динамитот, а во 1886 година балиститот, еден од првите барути без чад. Патентира повеќе од 100 изуми. Од производството на динамитот се збогатил, па во тестаментот од 27 ноември 1895 година, оставил фонд од 9,2 милиони долари за доделување награди за вонредни достигнувања на подрачјето на физиката, хемијата, медицината, литературата, за залагањето за мир и за економија. Таа, денес најпрестижна светска награда е именувана според него – Нобелова награда. Наградите првпат се доделени во 1901 година. Роден е во Стокхолм на 21 октомври 1833 година.
1898.- По поразот во америкаснко-шпанската војна, Шпанија во Париз со мировен договор се откажа од Куба, Порторико, Гуама и Филипини. Тоа беше крај на шпанското колонијално царство освен во териториите во Африка.
1904.- Роден е чехословачкиот државник Антоњин Новотни, генерален секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Чехословачка од 1953 година и шеф на државата од 1957. Од функцијата е сменет во почетокот на 1968 година, кога почнаа реформите наречени „Прашка пролет“, кои беа оневозможени со воената интервенција на Варшавскиот пакт во август 1968 година.
1911.- Во Каиро е роден Нагиб Махфуз, египетски филозоф, белетрист и драмски писател. Во 1988 година ја доби Нобеловата награда за литература за творештвото што и придава на арапската белетристика општочовечка вредност. Познати негови дела се „Виор на лудоста“, „Игри на судбината“, „Новото Каиро“, „Почеток и крај“, „Крадецот и кучињата“, „Меден месец“ и други. Умрел во 2006 година.
1913.- Познатата слика на Леонардо да Винчи “Мона Лиза” е вратена во парискиот музеј Лувр, од каде што две години порано беше украдена.
1936.- Во Рим умре Луиџи Пирандело, италијански писател. Меѓу најзначајните негови дела се драмите „Шест лица го бараат писателот“, „Хенри 4“, романот „Покојникот Матија Паскал“ и други. Роден е во Аргигент, на 28 јуни 1867 година.
1948.- Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации, во Париз, во Палатата Шајо, ја усвои Декларацијата за правата на човекот, па тој ден се прославува како Ден на правата на човекот.
1955.- Роден е Ким Мехмети, романсиер, раскажувач, есеист, полемичар, публицист и преведувач. Пишува и публикува на мајчиниот албански и на македонски јазик. Попознати негови дела се: „Седум ноќи тага”, „Начек”, „Рибата екстасис”, „Селото на проколнатите деца”, „Село без гробишта”, „Ритуалите на Нишане”, „Куќата на крајот од селото”. Неговите творби се преведени на германски, англиски, француски, турски, хрватски и други јазици. Застапен е во повеќе антологии и добитник е на значајни меѓународни награди.
1962.- Во Скопје умре Василие Поповиќ – Цицо, сликар, карикатурист и сценограф, еден од основоположниците на сценографијата во Македонскиот народен театар. Роден е во Скадар на 12 февруари 1914 година.
1964.- Познатиот црнечки политичар и борец за црнечките права во САД Мартин Лутер Кинг ја доби Нобеловата награда за мир.
1967.- Првата комерцијална термонуклеарна експлозија е извршена во Ново Мексико (САД). Причината е вадење на природен гас од подземјето.
1980.- Милтон Оботе е прогласен за претседател на Уганда, како прв африкански шеф на држава кој се врати на власт по отстранувањето со воен удар. Војската во 1985 година по вторпат го симна од власт.
1982.- Двајцата советски космонаути се вратија на Земјата по рекордни 211 дена поминати во вселената во бродот „Саљут 7“.
1983.- Раул Алфонсин ја презеде должноста претседател на Аргентина како прв демократски избран шеф на држава по осумгодишното владеење на воената хуната.
1992.- Британскиот престолонаследник принцот Чарлс и неговата сопруга, принцезата Дајана се разведоа. Нивното венчавање во катедралата Сент Пол на 29 јули 1981 година беше светски медиумски настан.
1996.- Претседателот на Јужна Африка Нелсон Мандела го потпиша уставот со кој сите граѓаните, без оглед на расата, се исти пред законот. Тоа беше завршниот чин во демонтирањето на системот на апартхејдот.
1998.- Палестинската ослободителна организација ги поништи одредбите во својот устав кои повикуваа на уништување на Израел.
1998.- Во Скопје е отворен постојан конзулат на Канада во Македонија.
2000.- Во Скопје умре Хари Миновски, македонски новинар. Роден е во Скопје, на 20 март 1930 година.
2006.- Умре поранешниот чилеански диктатор Аугусто Пиноче. На власт дојде со воениот удар во 1973 година, кога е тргнат легално избраниот претседател Салвадор Аљенде. На чело на Чиле беше до 1990 година. Под негов режим се убиени, од политички причини, скоро 32.000 луѓе, а близу 30.000 трпеа разни облици на репресија. И покрај бројните обвиненија, ниеден судски процес против него не е изведен до крај.
2013.- На Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЗХО) во Осло и е врачена Нобеловата награда за мир за 2013 година. Генералниот директор на ОЗХО, Ахмет Узумцу, која ја прими наградата во вид на медал, диплома и осум милиони шведски круни (895.000 евра), истакна дека уништувањето на хемиското оружје е „благородна цел“. Нобеловата награда за мир се врачува во Осло, додека Нобеловите награди за останатите категории се доделуваат во Стокхолм, по желба на основачот Алберт Нобел.
2015.- Американскиот актер Роб Лоу, кој се прослави со улогата во филмот „Аутсајдери“ и телевизиската серија „Западно крило“, доби своја ѕвезда на холивудската Алеја на славните. На свеченоста на откривањето на ѕвездата 51-годишниот Лоу беше придружуван од актерката Гвинет Палтроу. Според податоците на холивудската комора, Лоу стана 2.567-та „ѕвезда“ на Алејата на славните.