Просветните работници овој месец ќе добијат плата поголема за 5%, што е резултат на договорот на Владата и СОНК за континуиран раст на нивните приходи во следните 4 години во износ кој ќе зависи од висината на инфлацијата, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска во Собранието, одговарајќи на прашање од пратеничката Јованка Тренчевска.

-Постигнавме договор за покачување на платите оваа година, согласно можностите што се создадоа во буџетот. Да не беа заостанатите долгови кои ги остави претходната Влада, зголемувањето ќе беше поголемо. За жал, недостигаа 1,5 милијарди денари за исплата на плати на вработените во високото образование. Недостигаа 900 милиони денари за исплата на плати во основното и средното образование и ние приоритетно моравме да ги обезбедиме, рече Јаневска, додавајќи дека не беа исплатени ниту многу права од областа на ученичкиот и студентскиот стандард.

Министерката додаде дека наставниците се задоволни што во февруари ќе се потпише договор според кој нивните плати загарантирано ќе растат секоја година, во зависност од инфлацијата.