Страшо АНГЕЛОВСКИ
Постои една група држави која за себе смета дека е “од Бога дадена“ да владее со светот, да им наредува на останатите како да се однесуваат, да ги казнува или уништува, да им воведува санкции, да ги ограбува, да ги смета за пониски и поневредни од себе, преку државни удари и повеќебојни револуции да им менува и поставува влади, неказнето да врши воени агресии врз нив… Сака да се претставува како “меѓународна заедница“, иако претставува само 14 проценти од планетава; како “група најразвиени земји“, иако веќе не е тоа; а, за себе има мислење дека е “цветна градина“, наспроти остатокот од светот, кој, според нив, е пустина; дека е “елитен цивилизациски клуб“ наспроти варварскиот остаток од светот, но, најмногу сака да се претставува како “слободен свет“, наспроти автократскиот, диктаторски остаток од планетата.
За лидер на “слободниот свет“, како “најслободни“ меѓу “слободните“, се избрани Соединетите Американски Држави. “Сосема заслужено“, бидејќи се единствените кои се изградија во “слободна“ држава уништувајќи една цела човечка раса – црвената, ја градеа “слободата“ купувајќи и продавајќи црни живи луѓе како стока, единствени во историјата на двапати го употребија нуклеарното оружје убивајќи и подложувајќи на невидено страдање стотици илјади цивили во Хирошима и Нагасаки и, денес, најревносно “бдеат над слободата“ на своите сојузници, со неколку стотини илјади до заби вооружени војници во своите воени бази, од кои 70 се наоѓаат во СР Германија, 140 во Италија, 28 во балтичките држави, 13 во Турција, 30 во Велика Британија, 11 во Шпанија, 6 во Грција, по 4 во Бугарија и Романија, по 1 на Косово, во Црна Гора и во Македонија, а, колку за пример, 54.000 американски војници се наоѓаат во базите во Јапонија… со еден збор, во сите држави од “слободниот свет“.
Во групата “слободен свет“, спаѓаат и Белгија, во која пред само стотина години, во зоолошките градини беа чувани црни дечиња за да можат “слободните“ луѓе да се насладуваат во нивната егзотика, па Британија која во Бурските војни ги измисли и, Германија, која во Втората светска војна ги надогради концентрационите логори…
И конечно, “слободниот свет“ е оној, во кој на претседателот на државата лидер, САД, не му беше дозволен пристап на социјалните мрежи, зашто не размислува “доволно слободно“; на обични луѓе им е забрането лекување во болници само затоа што по потекло се Руси; и последниот отсек на еден од најстарите и најпрестижни универзитети Ломоносов, е затворен, во Словенија, заради “слобода“ во образованието; тоа е оној свет во кој е забранета изведба на музичките дела на Чајковски, Глинка, Мусоргски, Стравински… наградата на саемот на книгата во Фракфурт не и беше доделена на добитничката само затоа што е Палестинка; во “слободниот свет“ секојдневно, заради уништување на еден цел народ, се убиваат деца, хуманитарни и медицински работници во геноцидот во Газа…
КАКО ДА СЕ ОСЛОБОДИШ ОД “СЛОБОДНИОТ СВЕТ“
Последниве денови се случија работи кои до скоро беа незамисливи. Се случија настани кои по својата содржина говорат за поставената цел на земјите од “ослободениот свет“ и, за започнатиот пат кон нивниот триумф.
Кои се земјите од “ослободениот свет“? Тоа се оние држави кои припаѓаат на остатокот од повеќе од 80 проценти од населението, надвор од “слободниот свет“ и, на сите можни начини се борат како да се ослободат од окупацијата наметната од “слободниот свет“ и нивниот лидер САД. Да се ослободат од колонизацијата, од воените агресии, од најразличните “политички пролети“ од ултиматумите и обоените револуции, од државните удари и крвавите Мајдани…
– Најпрво, се одржа самитот на БРИКС, во Казан, во Руската Федерација, на кој учествуваа 36 држави и, БРИКС Плус иницијативата, со земји од Африка, Азија, Европа и Латинска Америка. Според донесената Казанска декларација, БРИКС ја нагласува посветеноста за зајакнување на мултилатерализмот, промовирање на мирот и создавање поправеден меѓународен поредок. Или, со еден збор, ослободување на светот од канџите на “слободниот свет“ – ослободување на политичкиот, економскиот, монетарниот, информативниот, културниот, духовниот… простор, за суверени активности на секоја држава посебно или, организирано во организации според сопствени интереси и потреби. Со тоа, се најавува патот кон триумфот на “ослободениот свет“.
– Потоа, нешто што помина сосема незабележено кај нас, бидејќи, како дел од “слободниот свет“, имаме инсталирани цензори, “проверувачи на факти“, кои едноставно не дозволуваат некои информации да се објават во нашиот медиумски простор. Имено, во Апија, на Самоа, се одржа Самитот на државите членки на Комонвелтот, 56 на број – Велика Британија и нејзините бивши колонии. На крајот на исклучително бурниот самит, земјите членки на Комонвелтот истакнале повик за “исправање на неправдата“ заради “одвратната“ трансатлантска трговија со луѓе и, се договориле дека е “дојдено време за корисна, искрена и, со почит водена дискусија“ за ова прашање и, дека е “дојдено време за разговор за прашањето за репарации во врска со ропството“.
За прв пат, поранешните колонии, слободно и без страв, го кренаа својот глас и бараат правда од “слободниот свет“ за сторените вековни неправди. Нивниот пат кон триумфот, како “ослободен свет“ започнува токму од овде, од Самоа.
– И конечно, во Обединетите Нации се гласаше за укинување на ембаргото кон Куба. 187 земји членки гласаа за, само двете ционистички држави, САД и Израел гласаа против, а лидерот на “слободниот свет“, САД, го употреби правото на вето за да ја поништи волјата на целокупното човештво, на 187 – те земји членки. Но, симболиката е огромна – за прв пат целокупното човештво, вклучително и соиграчите на лидерот во“слободниот свет“, се наоѓа на едната, а геноцидните САД и Израел на другата страна.
Со тоа, патот на триумфот на “ослободениот свет“, патот на триумфот на ослободеното човештво, е започнат. Патот ќе биде долг, но човештвото има сила да го изоди. Да се надеваме дека ослободеното човештво ќе си ја врати планетата во свои раце, пред “слободниот свет“ да ја уништи.
(Авторот е претседател на МААК)