Петгодишно девојче почина од воспаление на мозокот на Клиниката за детски болести, пренесува „Сител“. Од клиниката информираат дека девојчето од Скопје кај нив било хоспитализирано пред две недели поради силна главоболка. Најпрвин било лекувано на одделот за неврологија, но минатата недела состојба ѝ се влошила и ја префрлиле на одделот за интензивна нега каде ѝ била направена и интубација, но како што велат од Клиниката, и покрај сите напори на медицинскиот кадар не успеале да го спасат детето кое развило менинго-енцефалит, а завчера констатирале смрт.

За еден месец ова е трет смртен случај на дете на Клиниката за детски болести. За 14-месечното девојче од Грчец се уште се води постапка за утврдување на евентуална лекарска одговорност, а за новороденчето од Струмица ДСЗИ согласно нивните надлежности не констатираше пропусти во лекувањето.

Засега нема информации дали и каде било лекувано 5 –годишното девојче пред да биде донесено на Детска. Од ДСЗИ информираат дека и за овој случај ќе извршат вонреден инспекциски надзор, по што ќе ја информираат јавноста за фактичката состојба околу третманот на починато дете.