Кога дојдовме во објектот на клиниката наидовме на затворена врата со натпис „СЕ РЕНОВИРА“. Директорот открива дека не станува збор за обично реновирање туку дека универзитетската клиника прераснува во Ургентен интернистички центар со токсикологија. Изминативе години за клиниката за Токсикологија повеќе слушавме за скандали отколку за работа. Тоа сега се променува и од таму доаѓаат убави вести.
Со директорот на клиниката, Андон Чибишев разговаравме за сите планови, загадувањето, владините мерки, но од него слушнавме и важни совети со кои ќе спречиме животозагрозувачки состојби.
Пред сè го прашавме во каква состојба ја наследи директорската функција на клиниката и веднаш беше обелоденет голем скандал.
-Во 7 години од промената на власта во 2017-та година, на клиниката се сменија повеќе директори, четворица. Често се менуваа директори кои што ја раководеа клиниката онака како што тие, верувам, мислеа дека е најдобро. Меѓутоа, со завршување на парламентарните избори, со формирањето на новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери, се направија промени во раководните структури во многу здравствени институции, па и тука и јас од некаде крајот на јуни, почетокот на јули 2024-та година повторно ја превземав одговорноста да ја раководам оваа клиника. Моето искуство ми зборуваше дека треба што побрзо да проверам што затекнувам и со што ќе се соочам на почетокот за да почнеме да работиме сериозно и одговорно. Направивме попис, вонреден попис на сите нивоа, вклучувајќи ја и болничката аптека и побаравме вонредна контрола на работата на клиниката во последните 4 години, од контролата во ФЗОМ. Ни беше прифатено барањето и дојдоа инспектори двајца од Фондот кои што правеа овде контрола. Во пописот констатиравме низа на неправилности. Тоа што е вредно да го пренесеме во јавноста е тоа дека затекнавме голема количина на скапи лекови кои што имаа изминат рок. Што е тука карактеристично? Лековите се заведени како донација и замислете, нашата клиника која е една од помалите клиники, има добиено донација од 3.000 кутии на таблети Сумамед, кој е антибиотик прилично ефикасен, меѓутоа и скап, со рок од нешто повеќе од еден месец. Па јас сега се прашувам дали 3000 кутии институцијава може да ги потроши за помалку од еден месец. Секако дека не може, меѓутоа што е тука спорно? Зошто се примени лековите? Свесно се примени за да не можат да се потрошат, да им помине рокот и тие да станат неупотребливи и потоа во некоја постапка која воопшто не е наивна, многу е комплицирана и прилично е скапа, ќе го оптовари буџетот на клиниката, тие треба да се уништат на депонија. Направивме пресметка колку тие лекови ја чинат државата Република Македонија, ја чинат некаде 18.000 евра.Тие што останаа неупотребени. Ние, чинам, минатата недела под контрола на надлежните институции ги уништивме на Дрисла. Покрај нив имаше и лекови други, во помали количини и уште еден лек кој ние го користиме како супститут кај третман на зависници од дрога, бупренорфин, исто имаше поголема количина. Од необјаснети причини е оставен да му помине рокот. И тој имаше некаде количина која чинеше, по цените на пазарот кои важат, околу 4.500 евра. Сето тоа кога ќе го собереме 23.000 евра беше вкупната штета од лекови со поминат рок кои се неупотребливи. Не само за државата, туку и за клиникава наша, реков дека е една од помалите, тоа е голема сума на пари со која ние сме можеле да решиме одредени проблеми, одредени недостатоци кои ги имаме на клиниката и сметам дека е важно тоа јавноста да го чуе дека не сакам да кажам дека неодговорно се однесувале меѓутоа само по себе се наметнува тоа размислување дека неодговорно е оставено да помине рокот на лековите или е земена количина на лекови која знаеле дека не може да се потроши и знаеле дека ќе им помине рокот и ќе биде уништена. Тоа е несериозно, неодговорно и непрофесионално однесување, вели Чивишев.
Целото интервју може да го прочитате во КУРИР.