Маж на возраст од 68 години е првата идентификувана жртва од превртениот македонски автобус кај Лескoвац, информираат од Министерството за надворешни работи повикувајќи се на официјални податоци кои преку амбасадата во Белград ги добиле од надлежните служби во Србија.
„Имаме потврда дека се загинати и две жени, но истите не се идентификувани“, наведуваат од МНР.
Додаваат дека четворица патници со тешки телесни повреди се наоѓаат во животна опасност и се префрлени во Клиничкиот центар во Ниш.
МНР соопшти дека превртениот автобус кај Лесковац е на превозник од Струга, со регистарски таблици – Euroturs SU 3325 AC.
Од министерството потврдуваат дека во несреќата се повредени вкупно 32 патници од кои 28 се вон животна опасност и истите се згрижени во општата болница во Лесковац, а 4 се на хирургија.
На повредените и патниците од автобусот, кои ќе имаат потреба од преноќување, српските власти ќе им обезбедат сместување.
Според информациите, министерот за здравство Венко Филипче, генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и претставник од македонската амбасада во Белград се упатиле кон местото на несреќата.