„Кога се разбудив, слушнав врескање, видов луѓе со крвави глави и раце и слушнав како некој велат дека има загинати”, вели млад човек од Битола, еден од патниците од македонскиот автобус на линија Битола – Виена, кој ноќеска се преврте кај Лесковац. Во таа тешка сообраќајна несреќа, загинаа тројца македонски државјани, а 32 лица се полесно и потешко повредени.

На самото место, загинаа еден маж и две жени, а меѓу повредените патници има и бебе од година ипол и дете од девет години, за среќа тие не се повредени. Четири патници, кои беа тешко повредени, се хоспитализирани во Клиничкиот центар во Ниш, и  се надвор од животна опасност, но нивната состојба и натаму се следи.

– Не знам кој ја повика брзата помош и полицијата, но наскоро пристигнаа неколку амбулантни возила и лекарите влегоа во автобусот. Тие веднаш ни дадоа помош. Тогаш пристигнаа и пожарникари, мислам дека се од Лесковац и сите заедно не извлекоа од автобусот, вели млад човек од Битола, кој ја повреди раката во несреќата.

Патниците не знаат како се случила несреќата, бидејќи  во тој момент сите патници спиеле. Патниците се претежно помлади луѓе, а некои од нив велат дека тргнале во Виена за да работат.

Сите патници од превртениот автобус добиле топол оброк и се сместени во разни одделениа каде што има празни кревети за да одморат во очекување по нив да дојде автобус од Македонија.

Според директорот на општата болница во Лесковац, Небојша Димитријевиќ, сериозно повредените, се сместени во одделението за интензивна нега, а има и такви кои се на хирургија и ортопедија.