Во државава викендов била извршена сложена хибридна процедура – имплантација на биолошка валвула на митрална позиција – валвула во валвула, на 74-годишна пациентка во тешка општа состојба со нарушена функција на бубрезите и поставена на апарат за дијализа. На денешната прес-конференција во клиниката „Жан Митрев“, каде била извршена процедурата, беше истакнато дека мини-инвазивниот метод на замена на протеза на митрална валвула е реткост во светски рамки. Тимот составен од кардиохирурзи и интервентни кардиолози, направил успешна процедура со ТМВИ (transcatether mitral valve implatation procedure) имплантација на валвула, без класична операција. Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски изјави дека веќе ги поттикнуваат приватните болници да работат случаи што претходно се упатувале во странство.

Протезата на митралната валвула била поставена преку врвот на срцето во митралната позиција, без пациентката да биде класично оперирана.

– Разликата меѓу класична операција и оваа интервенција е што има само мало отворање на градниот кош – пет сантиметри од левата страна, преку што се пристапува до врвот на срцето и со помош на посебен катетер се вметнува новата во постоечката валвула, без притоа да се употреби вонтелесна циркулација, е истакнато на настанот.

Тимот кардиохирурзи и интервентни кардиолози бил предводен од д-р Жан Митрев, заедно со доц. д-р Оливер Бушљетиќ, специјалист по интерна медицина, супспецијалист кардиолог и д-р Вилма Ампова Соколов, специјалист по интерна медицина и супспецијалист по кардиологија.

– Пациентката претходно двапати била оперирана и имаше потреба третпат да се оперира, бидејќи протезата на митралната валвула беше комплетно пропадната. Успеавме да поставиме протеза на митралната валвула, преку врвот на срцето, во митралната позиција, без да биде пациентката класично оперирана и да биде изложена на дополнителен ризик, операција што таа сигурно немаше да може да ја издржи. Овој тип операција е релативна новина во применета за замена на аортна валвула, а за митралната протеза, ова се исклучително ретки случаи. Обично ваквата процедура се работи за аортна валвула, а кај митрална многу ретко. Кај оваа пациентка, бидејќи двапати претходно ѝ бил отворан градниот кош, ова беше единствена опција за да ѝ го спасиме животот. Ова беше единствена шанса за позитивен исход за пациентката, истакна Бушљетиќ.

Пациентката првпат била оперирана во 1994 година на ВМА во Белград, а вторпат во 2011 година во клиниката „Жан Митрев“ каде била направена реоперација за замена на митралната валвула со биолошка протеза. Со двете операции претходно, првата на 43 години во Белград, втората по 17 години (2011) и сега по 14 години, како што беше нагласено, пациентката добива 30 години живот „што е доказ за борбата на докторите и соодветна примена на модерна медицина во функција на спасување и продолжување на живот“.

Директорот на ФЗО, Клековски, изјави дека веќе ги поттикнуваат приватните болници да работат случаи што претходно се упатувале во странство и оти „ваквите кардиохируршки дострели укажуваат на големиот потенцијал на здравството во Македонија“. Додаде дека зафатот е овозможен со пристапот на ФЗО за пакет за највозрасни пациенти.

-Иновативниот начин на спроведување на зафатот, минимално инвазивен, безбеден за пациентот пред се, го олеснува опоравувањето на пациентот и заштедува болнички денови. Овој зафат е овозможен со пристапот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, за пакет за највозрасни пациенти, кој вклучува и овој тип на интервенции и нивно значително зголемување за 2025 година, потоа поддршка на нови зафати, како и на комплементарноста на јавниот и приватниот сектор, рече Клековски, додавајќи дека колку повеќе процедури може да завршиме во земјава, толку подобро за сите нас, бидејќи и јавниот и приватниот сектор се дел од една целина.

Фото: МИА