Во рамките на работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи, Никола Димитров одржа средба со постојаните претставници на земјите членки на Европската унија (КОРЕПЕР), во организација на постојаниот претставник на Австрија, во својство на претседавач со Советот на Европската Унија.
-На состанокот, министерот Димитров, сумирајќи ги активностите во изминатата година, го поздрави засилениот фокус на Унијата врз Регионот на Западен Балкан и изрази очекување дека истиот ќе продолжи и следната година. Тој се осврна на активностите поврзани со имплементацијата на Договорот од Преспа и процесот на уставните измени, како и на клучните реформски активности, особено оние кои произлегуваат од јунските заклучоци на Советот на ЕУ. Притоа, МНР Димитров ја нагласи посветеноста и решеноста, и покрај деликатноста на процесите да се продолжи по зацртаниот пат на европска интеграција, соопшти МНР.
Министерот Димитров од соговорниците побара продолжување на континуираната поддршка на ЕУ и нејзините земји членки за европската перспектива на Република Македонија.
-Македонија е добра вест во време кога на Европа и требаат добри вести. Да ја препознаеме шансата и да го направиме напредокот неповратен. Заедно, порачал Димитров.
На состанокот биле разменети мислења и за последните случувања во Регионот и била изразена надеж дека следниот јуни ќе биде донесена формалната одлука за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ.