Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека дојавите за бомби кои беа упатени до училишта во државата во петокот, се испратени од привремени мејлови кои се бришат за само еден час по испраќањето на заканувачките пораки. Затоа, како што посочи, е многу тешко да се влезе во трага кој е испраќачот.
Тој вечерва во интервју за 360 степени, напомена дека станува збор за хибридни закани кои се лажни, но сепак не се исклучува потребата Министерството за внатрешни работи да одговори со темелна проверка на наводите.
– Станува збор за хибридни закани коишто се покажа дека не само во петокот, туку и претходно кога сме ги имале, биле лажни. Факт е дека последниве закани коишто се упатени до училишта се од привремени мејлови коишто се отворени од одредени недобронамерници. И, според информациите што ги добив, мислам дека тие мејлови од коишто се испраќани заканувачките пораки се бришат за еден час. Така што, многу е тешко да се влезе во трага кој е испраќачот на заканувачките пораки, рече Тошковски.
Тој додаде дека оперативниот штаб формиран за дојавите за бомби донел заклучок да достави препораки до Министерството за образование и до сите образовни институции во однос на тоа како да се заштити периметарот на училиштата, за време на часовите кога нема ученици и препораки за чуварските служби да внимаваат на периметарот на училиштата.
– Ги зголемивме патролните служби коишто обиколуваат околу секое училиште. Гледаме максимално да покриваме на терен со нашите ресурси коишто ги имаме, дадовме препораки во однос на сите оние други работи коишто треба да се преземат од технички аспект во делот на Министерството за образование и конкретно до сите училишта. Во иднина, полицијата ќе одговори посоодветно, за разлика од начинот на кој се одговарало на ваков тип предизвици во минатото. Фактите велат дека сите дојави досега биле лажни, сепак не се исклучува потребата Министерството за внатрешни работи да одговори со темелна проверка на наводите, додаде Тошковски.
Во однос на случајот „Државна лотарија“, Тошковски вели дека не би шпекулирал дали МВР или Финансиската полиција поднела подобра кривичната пријава, важно е криминалците да бидат таму каде што им е местото.
– Јас не би шпекулирал кој за конкретна ситуација поднел подобра кривична пријава. Јас би бил презадоволен кога на крајот на денот криминалците ќе бидат таму каде што им е местото, а сите оние што се двоумат во иднина дали да сторат или да не сторат нешто на буџетот на државата, ќе ги земат за пример оние што се таму каде што им е местото, рече Тошковски.
Прашан дали освен казна за конкретниот полициски службеник, има друго сознание околу тоа како се случи Артан Груби да ја напушти земјава, Тошковски одговори дека Министерството за внатрешни работи изрече суспензија и поднесе кривична пријава за службеникот кој бил „фасциниран“ од предметното лице. Тој посочи дека полицискиот службеник по етничка припадност е Македонец.
– Работи Јавното обвинителство и ние сме вклучени. Доставени се сите оние материјали коишто требаше да бидат доставени од наша страна. Се надевам дека за најкратко можно време ќе излезе со повеќе сознанија, рече Тошковски.
На прашање дали има сознанија за евентуално организиран случај, Тошковски одговори дека не може да даде таков заклучок од она коешто го имаа досега добиено како информација, потенцирајќи дека во моментов нема некакво ново сознание каде е Артан Груби.
Фото: МИА Архива