Фондот за здравствено осигурување најавува измени во правилниците за позитивната листа на лекови, со кои Клексанот во иднина ќе може да се зема на рецепт во аптеките, наместо да се бара рефундација како досега.

Првиот човек на Фондот Клековски вели дека во тек се измени на правилниците со кои ќе може да се преместуваат лекови од болничката на аптекарската позитивна листа, а исто така се планира и Фондот да влезе во преговарање за цените на лековите за да бидат достапни по пониска цена.

„Прв приоритет ни е префрлањето на антикоагулансите, особено Клексан, кој веќе е на болничката листа. Наместо пациентите да чекаат рефундација, ќе можат директно да го подигнат на рецепт. Очекуваме штом Комисијата почне со работа и правилниците бидат усогласени, оваа промена да стане реалност. Сметаме дека кога државата веќе ги субвенционира, треба да имаме право да преговараме за нивната цена, а не да ја прифаќаме автоматски големопродажната цена. Забележавме дека со претходното зголемување на позитивната листа сите производители ги користеа максималните дозволени цени“, изјави Сашо Клековски директор на ФЗОМ.

Клековски заедно со директорот на Управата за вршење санкции денеска соопштија дека го решиле проблемот со здравственото осигурување на осудениците во затворите. Проблемот со осигурувањето, како што велат директорите бил поради тоа што не биле усогласени бројот на пријавени затвореници и износот на уплатата што довело до блокирање на здравственото осигурување.

Директорите велат дека изминативе пет години не се нашло решение поради што здравствените услуги биле наплаќани и фактурирани на сметка на Управата.

„Беа наталожени огромни фактури неплатени кон клиниките и други здравствени установи каде биле носени осудените лица и поради тоа имавме состанок со директорот пред неколку месеци, формиравме работна група и направивме договор со која правиме огромен чекор за надминување на овој проблем и да нашите осудени лица кога ќе бидат спроведени во некоја здравствена установа да бидат осигурани, со што ние подоцна како Управа нема да добиваме фактури од клиника или здравствен дом“, изјави Александар Пандов директор на Управа за извршување санкции.

Станува збор за околу 1.200 затвореници. Инаку здравствената заштита на затворениците во казнено-поправните установи во земјава беше мета на критики и забелешки на повеќе домашни и меѓународни организации.