Шефот на италијанската дипломатија и вицепремиер Антонио Тајани денеска изјави дека Рим би можел да го разгледа евентуалното распоредување на војници во идната тампон-зона во Украина, како дел од мировна мисија на Обединети нации.
Тој истакна дека никогаш не се разговарало за испраќање на италијански војници и оти „не е корисно да се испратат европски трупи или НАТО сили во Украина“.
– Ако треба да создадеме тампон-зона, неопходно е да испратиме војници под знамето на ОН, во тој случај Италија ќе биде таму, како во случајот со Палестина, но секогаш со заедничка одговорност, истакна Тајани, додавајќи оти таквите сили „треба да бидат под водство на ОН, за да бидат неутрални“.
Тајани минатата недела изрази скептицизам за планот на британскиот премиер Кир Стармер за распоредување на 30.000 европски војници во Украина за поддршка на евентуалниот договор за прекин на огнот, постигнат со посредство на САД.
Претходно денеска италијански владини претставници изјавија дека идејата за испраќање италијански војници во Украина, како дел од мировната мисија доколку се постигне прекин на огнот, не е на дневен ред.