Ако некоја институција сама реши да се заштити, таа тоа го прави. Но, се уште немаме обврска сите институции тоа да го прават и затоа е ваквата невоедначеност која ни се случува и определени институции се многу често мета на сајбер напади, вели во интервју за РСЕ министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

-За жал, ние сме држава без Закон за сајбер безбедност додека сите држави и од регионот и од Европа донесоа такви закони пред 13 години. Ние го правиме напорот да се донесе законот сега, најверојатно до јуни месец. Тој закон ќе биде нашиот патоказ каде треба да се движиме во сајбер заштитата. Сега заштитата која ја нудиме во сајбер просторот е ад-хок. Ако некоја институција сама реши да се заштити, таа тоа го прави. Но, се уште немаме обврска сите институции тоа да го прават и затоа е ваквата невоедначеност која ни се случува да определени институции се многу често мета на сајбер напади, изјави Андоновски.

На прашањето дека државата досега потрошила милиони евра за заштита, но каков е епилогот од тоа, Андоновски одговори дека голем број институции работеле со истечени лиценци, но и дека во законот за сајбер безбедност немало предвидени прекршочни одредби.

-Точно, интересен податок е дека над 20 институции имаат купувано руски антивируси. Десетици институции ненавремено ја зголемиле или надградиле својата заштита, па работеле со истечени лиценци. Голем број на институции сместуваат податоци на граѓаните на сервери кои подоцна не се грижат дали се доволно заштитени или каде им се сместени, објасни министерот, и додаде дека во новиот закон Министерството за дигитална трансформација ќе го контролира процесот.

Истакна дека ова се прашања кои сите институции ад хок ги решавале.

-За разлика од сите други закони, во законите кои се однесуваат на сајбер безбедноста, ние немавме прекршочни одредби и инспекциски надзор дали тие одредби од законите се почитуваат. Во измените кои сега ги донесовме и новиот Закон за сајбер безбедност, Министерството за дигитална трансформација тоа ќе го контролира и потенцијално ќе казнува онаму каде гледаме дека институциите не постапуваат, истакна Андоновски во интервјуто.

Фото: Принтксри