Шестмина пратеници во Европскиот парламент од словачката опозициска партија Прогресивна Словачка (ПС) упатија отворено писмо до премиерот на Словачка, Роберт Фицо, со кое бараат од него да се откаже од планираното присуство на воената парада на 9 мај во Москва и на останатите прослави по повод 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.
Европратениците во писмото нагласуваат дека е неприфатливо присуство на прослави во Москва во услови кога Русија води војна против Украина и продолжува со она што го започна уште во 2014 година со окупацијата на делови од украинската територија и анексијата на полуостровот Крим.
– Чествување на мирот со оние кои свесно го уништуваат, претставува шлаканица за жртвите и предавство на вредностите на кои се потпираат Европа и демократијата. Вие сте тој кој јавно повикува на мир – зошто тогаш сакате да прославувате покрај (рускиот претседател Владимир) Путин, кој ја започна оваа војна?, наведуваат европратениците во писмото до Фицо, потсетувајќи го дека тој не го осуди рускиот ракетен напад врз градот Суми во неделата на Цветници, при што загинаа 34 лица, а околу сто беа повредени.
Според европратениците потписници на писмото, со учество на прославите во Москва, Фицо испраќа сигнал дека стои на страната на агресорот, со што ја загрозува позицијата на Словачка во ЕУ, ја оддалечува земјата од нејзините партнери и ја турка во изолација и под влијание на Русија.
Европратеничката Љубица Карвашова во објава на својот профил на Фејсбук потсети дека за неучество на прославите во Москва повика и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
– Ние, европратениците и европратеничките од Прогресивна Словачка во отворено писмо го повикуваме (Фицо) да го откаже ова патување. Режимот на Путин секојдневно убива цивили, киднапира деца и уништува украински градови. Учество на прослави покрај Путин во време кога Русија повеќе од три години води брутална војна против Украина, е срамно и претставува предавство на вредностите на кои се потпира Европа, наведе Карвашова.
Калас во понеделникот на прес-конференцијата по завршувањето на Советот за надворешни работи во Луксембург изјави дека министри од повеќе земји членки на Унијата порачале дека секое евентуално учество на претставници на државите од Западниот Балкан на парадата на 9 мај во Москва, нема да биде прифатено благонаклоно од европска страна, имајќи предвид дека сега Русија води тотална војна во Европа.
– Многу јасно ставивме до знаење дека не сакаме ниту една земја кандидат да учествува на овие настани на 9 мај во Москва. Пораката беше многу јасна, изјави Калас.
На ваквата изјава во вторникот реагираше Фицо оквалификувајќи ја како „непочитување“ и „закана“.
– Одам во Москва на 9 мај. Дали предупредувањето на г-ѓа Калас е форма на уцена или е навестување дека ќе бидам казнет по враќањето од Москва? Не знам. Но, знам дека е 2025 година, а не 1939 година, наведе Фицо во објава на социјалните мрежи.
Фицо додаде дека „предупредувањето“ на Калас потврдува оти на ЕУ и е потреба дискусија околу суштината на демократијата и за тоа „што се случи во Романија или во Франција околу претседателските избори и за „Мајданите“ оркестрирани од Западот во Грузија или Србија“.
– Би сакал да ве информирам дека јас сум легитимниот премиер на Словачка – суверена земја. Никој не може да ми диктира каде смеам или не смеам да патувам. Ќе одам во Москва да им оддадам почит на илјадниците војници на Црвената армија кои загинаа во ослободувањето на Словачка, како и на милионите други жртви на нацистите, исто како што им оддадов почит на жртвите на десантот во Нормандија, на Пацификот или како што ќе ја наведнам главата во чест на пилотите на РАФ, наведе Фицо во објавата.
Запрашана за коментар за најавата на Фицо, но и на српскиот претседател Александар Вучиќ, за присуство на парадата по повод Денот на победата над фашизмот на 9 мај во Москва, портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер вчера изјави дека во сегашниот контекст Русија го користи одбележувањето на крајот на Втората светска војна за да ја оправда својата агресија врз Украина, така што е важно да не се дава легитимитет на тоа со учество на вакви настани.
– Всушност имаме и одлука на Советот за ова, со која земјите членки, вклучително и Словачка, во 2022 година се согласија до одбијат такви покани, додаде Хипер.
На прашање дали е подготвен „некаков одговор или казна“ за Фицо доколку присуствува на парадата во Москва, заменичката главна портпаролка на ЕК, Аријана Подеста кусо одговори дека не е во надлежност на Европската комисија да ги казнува шефовите на држави или влади.
Фото: МИА Архива