Експерти од Иран и САД ќе почнат да се состануваат за да разговараат за деталите за можниот договор за нуклеарната програма на Техеран, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.

По индиректниот состанок со американскиот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф во Рим, кој траеше неколку часа, Арагчи рече дека експерти од двете земји ќе се сретнат во Оман, пред тој и Виткоф повторно да се сретнат во таа земја на 26 април.

„Разговорите се одвиваа во конструктивен амбиент и можам да кажам дека напредуваат. Овојпат успеавме да постигнеме подобро разбирање на одредени принципи и цели“, посочи Арагчи.

Иранските власти денешните разговори со американските претставници во Рим ги опишаа како индиректни, како оние што се одржаа минатиот викенд во Мускат, Оман, кога оманскиот министер за надворешни работи Бадр ал Бусаиди посредуваше меѓу двете делегации, кои беа во различни простории.