Кирил МИНОСКИ
„Владеењето на правото значи дека никој не е над законот.“ – Томас Пајн.
Томас Пајн е еден од највлијателните мислители на 18. век – англо-американски политички филозоф, писател и револуционер. Тој се залагал за слобода, граѓански права и владеење на правото. Неговите идеи одиграле клучна улога во американската револуција, но и во подоцнежниот развој на демократските принципи низ целиот свет.
Владеењето на правото е темелот на секое демократско општество. Владеењето на правото е системска гаранција дека правдата важи еднакво за сите, без оглед на функцијата, партиската припадност или етничката припадност.
Но владеењето на правото не трпи компромис. Компромисот со правото е компромис со државата. Кога институциите свесно прогледуваат низ прсти, при очигледните докази за злоупотреби и криминал, и ткавите случаи не добиваат институционален епилог, тоа не е само институционален пропуст – тоа е пораз на државата.
Граѓаните дадоа јасен мандат за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата. Не за селективна правда. Не за ПР спектакли без судска разрешница. Туку за одговорност – институционална, политичка и лична.
Меѓусебната амнестија на елитите по принципот „не ме апси – не те апсам“ е најтежок облик на предавство кон државата. Тоа ја поткопува довербата, ги руши темелите и ја претвора правната сигурност во привилегија на малкумина.
Време е да се вратиме на основите: владеење на правото, а не владеење на приватниот интерес, време е за донесување Закон за потекло на имот – вистински, независен и применлив, само на тој начин може да се изгради демократска и правна држава.
Во спротивно ќе продолжиме да тонеме во мочуриштето на корупцијата, криминалот и нарушениот вредносен систем.