Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека сите три нуклеарни објекти во Иран кои беа бомбардирани биле сериозно оштетени од американските бомби за уништување бункери, велејќи дека нападот бил планиран со месеци и дека немал за цел промена на режимот во Иран.

Хегсет на прес-конференција во Пентагон изјави дека синоќешните напади биле наменети за деградирање и уништување на нуклеарните капацитети на Иран, објави Би-Би-Си.

Тој повтори дека Вашингтон верува дека објектите во Фордо, кој беше примарна цел, биле уништени.

„Сите наши прецизни муниции погодија таму каде што сакавме и имаа посакуван ефект“, рече Хегсет. Тој нагласи дека нападите не биле насочени кон промена на режимот во Иран.

„Трамп одобри прецизен удар за неутрализирање на заканата за нашите национални интереси што ја претставува нуклеарната програма на Иран“, рече Хегсет. Тој истакна дека ударот ја уништил нуклеарната програма на Иран и дека нема повредени ирански војници или цивили.

Хегсет им се заблагодари на сите воени лица кои учествуваа во операциите од синоќа, велејќи дека ударот бил извршен беспрекорно.

Тој, исто така, им оддаде признание на „нашите сојузници во Израел“ за нивната поддршка.

Хегсет рече дека „претседателот на САД, Доналд Трамп, бара мир“, нагласувајќи дека и Иран треба да го следи тој пат.

Тој ги прочита и објавите на Трамп на социјалните мрежи од синоќа, во кои предупреди дека секоја одмазда од страна на Иран ќе биде дочекана со „многу поголема“ сила.

Хегсет нагласи дека Трамп го мисли тоа сериозно и дека „Иран би било мудро да ги послуша тие зборови“.

Хегсет рече дека многу претседатели „сонувале да го зададат последниот удар врз нуклеарната програма на Иран, но никој не можел да го стори тоа сè додека не го каже Трамп“.

Тој оцени дека операцијата против Иран била „смела и брилијантна“. „Кога Трамп зборува, светот треба да слуша“, рече Хегсет, истакнувајќи дека „ниту една друга земја освен САД не може да го стори тоа“.