Не очекувам од нашиот источен сосед и да испрати поинаква порака. Тие мора пред нашите европартнери и партнерите во НАТО да рефлектираат реторика со која ќе не обвинуваат нас, дека ние сме тие, а во суштина светот и Европа видоа која беше целта на бугарските политичари.

Вака денеска премиерот Христијан Мицкоски ги коментираше реакциите на официјална Софија по неговата изјава во врска со бугарскиот министер за надворешни работи.

-Целта на бугарските политичари во ништо не се разликува од онаа цел што ја има руското раководство во Украина, а тоа е обид за асимилација на македонскиот народ и еден вид идентитетски инженеринг кој навистина најмалку треба да се случува во 21 век во Европа и тоа од земја членка на ЕУ која треба да споделува европски вредности. Наместо да и ја подадат раката на Македонија, наместо да не поддржуваат на патот кон полноправно членство во ЕУ што е и дел од Договорот за добрососедство, тие имаат поинаква цел и добро е што сите успеаја да видат. Добро е што сите сега веќе знаат која е крајната цел – дека не е неколку стотини македонски граѓани да бидат дел од Уставот, туку дека целта е многу подлабока и попасна и за Европа. На тој начин и ЕУ губи дел од својот имиџ и не знам до кога ќе има трпение со нашиот источен сосед, рече Мицкоски, по пуштањето во употреба на целосната санација на Музејот на вода во Заливот на Коските во Охрид.

фото: МИА