Македонија не е Грција“ – Ердоѓан Ознал | 2025 година, 45 страници.

Ознал бил генерал на Корпус во Турската армија, познат истражувач и толкувач на балканските состојби. Ова капитално дело за првпат е објавено во Анкара, во 1993 година, кога силно ја разбранува и грчката јавност. Македонија не е Грција и гледано низ историјата, никогаш не била грчка. Македонскиот народ, историски и етнички, никогаш не бил грчки – тој е посебен, вековен народ. Секој народ, сам си го избира своето име. Македонскиот јазик е единствен. Грција го лаже Балканот. Историските, културните и етничките вистини на Македонците треба да се признаваат. Ова се само дел од пораките испратени со насловите на поглавјата на оваа книга мала по обем, но голема според опфатот на нејзината содржина, напишана со користење документи и податоци од архивите на Отоманската империја, вклучително и од Турскиот воен архив.

Во 1993 година, Ознал како раководител на Националното воено здружение на Турција учествуваше на симпозиум за Балканските војни во Грција. На брошури, книги и на транспаренти по ридовите на Атина, секаде читал иста реченица: „Македонија е Грција“. „Грците без престан повторуваа дека Македонија отсекогаш била грчка, дека нема македонски народ итн…“ – сведочи самиот Ознан. Иритиран, побарал збор на симпозиумот и пред 150 присутни рекол: „Македонија не е Грција“, по што настанал молк, без спротивставување од кој и да е друг учесник. Веднаш по враќањето во Турција ја пишува оваа книга којашто говори со јазикот на фактите и ја отсликува Македонија низ вековите во нејзината вистинска светлина. Всушност, „Македонија не е Грција“ е најуверлива негација на грчките небулози, пројавувани во подолг временски период и, особено, по осамостојувањето на Македонија.