Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека безбедносните гаранции се една од најважните теми во потрагата по решение во Украина и дека Русија е решена да го реши конфликтот во Украина со политички и дипломатски средства.

Меѓутоа, тој истакна дека е потребна реципрочност од страна на Украина.

-Руската страна останува решена да го реши украинскиот конфликт, по можност со мирни политички и дипломатски средства. За тоа, реципрочноста од страна на Украина е дефинитивно неопходна, изјави Песков за руските медиуми.

Неодамнешните разговори меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп во Алјаска, оцени Песков, биле „многу значајни и неопходни“ и дека биле „конструктивни, корисни и од клучно значење за понатамошните односи“.

Средбата меѓу двајцата лидери се одржа на 15 август во воената база Елмендорф-Ричардсон во Енкориџ и траеше речиси три часа.

Песков на прес-конференција зборуваше и за продолжувањето на контактите меѓу преговарачките групи на Русија и Украина, нагласувајќи дека шефовите на тие групи сè уште се во комуникација, јавија руските медиуми. Меѓутоа, тој не ги прецизираше точните датуми за нова средба, само додавајќи дека „работата на ниво на преговарачките групи ќе продолжи“.

Песков на крајот го повтори ставот на Кремљ дека Русија не го предизвика конфликтот во Украина.

„Веруваме дека овие напори (на американскиот претседател Доналд Трамп) навистина можат да помогнат во решавањето на овој сложен, долгорочен конфликт што ние не го предизвикавме“, изјави Песков, пренесен од руските медиуми.