Украина денеска презеде над 1.000 тела кои и ги предаде Русија, а за кои тврди дека се тела на украински војници убиени во битка, објави на Телеграм Центарот за воени заробеници на Владата на Украина.

Руски воен дописник на Телеграм напиша дека Русија зеде повеќе од 24 тела на своите мртви војници кои беа предадени од Украина.

Украинските власти се претпазливи во врска со идентитетот на телата сè додека самите не ги идентификуваат.

Размената на тела на војници и воени заробеници е единствениот резултат од преговорите меѓу Москва и Киев повеќе од три и пол години од почетокот на руската инвазија на Украина.

Последната размена го зголемува бројот на тела што Русија во текот на оваа година и ги врати на Украина на повеќе од 12.000, при што Украина и предаде на Русија само неколку стотини.

Преговорите за прекин на огнот и постигнување траен мир подолго време се во ќорсокак, бидејќи позициите на Москва и Киев се непомирливи.