Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ја одржа својата прва прес-конференција од почетокот на кампањата за локалните избори, на која истакна дека негов приоритет е хигиената и чистотата во главниот град.

„Ветив дека во првите 72 часа откако ќе го преземам местото градоначалник на Скопје ќе започнеме со активност каде ќе се вклучат сите општини. И за 72 часа, Скопје ќе блесне. Тоа е она што нѐ мачи изминатиот период и изминатите години. Скопјани заслужуваат чист град“, рече Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека состојбите во Град Скопје биле мотив да влезе во трката за градоначалничката функција:

„Состојбите во Град Скопје, се мотив, за од ваква руинирана состојба, да направиме нешто на што сите ќе се гордееме. Имам одлична советничка листа, имам експерти, домашни и меѓународни, за секој од столбовите со ветувања да се реализира. Јас сум спремен да не се штедам и до последен атом да се вложам“.

Ѓорѓиевски порача дека сака да биде обединувач, а не да создава поделби:

„Дел од тие луѓе можеби ќе бидат вклучени во мојот тим, можеби дел од нивните идеи од програмите ќе бидат реализирани од нас. Не правам поделби. Сакам да обедувам и да работам. Резултатите во мојата општина Кисела Вода, ми даваат најголем кредибилитет“.

Во продолжение ви го пренесуваме интегрално обраќањето од Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски:

„Почитувани сограѓани, драги пријатели, почитувани претставници на медиумите,

Основното начело што ќе ме води како градоначалник на Скопје ќе биде целосна транспарентност. Секој мој чекор, секој проект и секоја идеја ќе бидат отворени за јавноста. Затоа и нема да чекам да почнам со тоа дури кога ќе станам градоначалник – уште од денес, секој ден ќе ви ја претставувам мојата визија за Скопје.

Јас сум човек кој сака делата да зборуваат повеќе од зборовите. И тоа што сум го ветил, сум го покажал во пракса. Последните четири години, како градоначалник на Кисела Вода, покажав дека проблемите можат да се решаваат, дека институциите можат да работат за граѓаните и дека со истрајност и труд може да се постигнат резултати.

Кисела Вода стана пример за развој – за инфраструктурна и комунална обнова, за дигитализација и за вистинска грижа за луѓето. Решивме проблеми што со децении беа оставени на страна. Тоа искуство и тие резултати сега ги носам со себе, со цел да ги издигнеме на ниво на цел град. Верувам дека на ист начин можеме да ја направиме големата промена што на Скопје му е потребна.

Програмата врз која ќе се водам е изградена врз седум столбови – темелите на иднината на градот:

1. Одржлив урбан развој во следните 20 години.
2. Нема компромиси со здрава животна средина и биодиверзитет.
3. Целосна комунална обнова на градот.
4. Враќање на културниот идентитет на Скопје.
5. Дигитална трансформација и паметни решенија.
6. Скопје како град на младите и науката.
7. Јакнење на јавната грижа и безбедноста.

Овие области не се одделни, туку делови од една целина – новата слика на Скопје. Од нив ќе произлезат стотици проекти, речиси по еден за секој ден од годината.
Зад оваа визија стои тим од врвни експерти и професори, но уште поважно – ќе бидете вклучени и вие, граѓаните. Преку јавни форуми, дебати и консултации, заедно ќе ја обликуваме иднината. Тоа е суштината: Скопје нема да биде град наметнат одозгора, туку град што сите заедно ќе го градиме. Град во кој секој човек има свое место.

Драги сограѓани,

Денеска ја отворам мојата кампања со првата централна тема – Визија за Скопје 2025–2045.
Оваа визија не е само изборна програма. Таа е патоказ за иднината, план што не се мери во мандати, туку во генерации. Тоа е визија што ќе остави стабилни темели и ќе создаде ново лице на градот – лице што ќе им го предадеме на идните генерации со гордост.

Сите модерни европски главни градови имаат долгорочни планови. Виена има и визија за 50 години однапред. Зошто да не може и Скопје? Нашиот град заслужува да размислува и да планира на исто ниво.

До 2045 година ја гледам метрополата Скопје како град што дише преку своите зелени коридори. Како град што се движи преку еколошки и интегрирани транспортни решенија. Како град што живее преку јавни простори што повторно им припаѓаат на граѓаните. Ова не е само план за градба – ова е модел на ново живеење, по мерка на луѓето.

Како што Кензо Танге во 1964 година ја постави визијата за постземјотресно Скопје, така и ние денес ќе создадеме нова визија за иднината. Ќе формираме меѓународен борд на светски експерти и ќе соработуваме со универзитети во Торино, Солун, Љубљана и други. Заедно со локалните експерти, избрани на јавен конкурс, ќе изработиме сеопфатен 20-годишен план – „Визија за Скопје 25/45“.
Оваа визија ќе ги интегрира урбанизмот, мобилноста, зелената инфраструктура, енергетската ефикасност, управувањето со ресурси, социјалната инклузија и заштитата на културното наследство. Ќе создадеме град што е отпорен, конкурентен и здрав – усогласен со климатските цели и европските стандарди за квалитет на живеење.

Но за тоа да успее, ни треба силна институционална рамка. Затоа ќе формираме Совет за урбан развој, составен од врвни архитекти, инженери, експерти и претставници на граѓанскиот сектор. Тој Совет ќе биде гаранција дека ќе имаме европски стандарди во урбанизмот, транспарентност и јавна отчетност.

Повторно ќе ја вратиме функцијата на Градскиот архитект – експерт со јасни ингеренции и јавна поддршка, кој ќе ја претвора Визијата во конкретни решенија. А за да го вратиме градот во рацете на граѓаните, ќе го создадеме Урбан Центар Скопје – јавно претпријатие што ќе ги изработува планските документи професионално и транспарентно.
Секој нов јавен објект што ќе се гради ќе биде предмет на јавен конкурс. Тоа ќе значи фер конкуренција, квалитет и најдобри решенија за Скопје.

Новиот Генерален урбанистички план ќе се донесе врз основа на оваа визија и ќе ги постави темелите за долгорочен и европски ориентиран развој. Секој детаљ ќе мора да произлегува од тој концепт – за да ставиме крај на хаосот со неконтролирано и штетно градење.
Ова не е далечна фантазија. Ова е почеток на нова урбана ера – град во кој плановите се транспарентни, јавниот интерес е заштитен, зеленилото е приоритет, а архитектурата е создадена за луѓето.
Скопје конечно ќе добие ред, хармонија и достоинствен изглед на европска метропола.

Драги сограѓани,

Сега е моментот. Време е да ја изградиме визијата што ќе им ја оставиме на нашите деца и внуци. Време е Скопје да стане град што живее со луѓето, за луѓето. Како што гледате, тоа се конкретни реформи и промени кои се клучни за иднината на Скопје.

Во истиот дух ќе бидат разработени сите останати столбови. Денес ќе зборувам за нив накратко, а во деновите што доаѓаат секој ќе добие посебна презентација со детални проекти и решенија.
Вториот столб е здрава животна средина и биодиверзитет. Имаме план за чист воздух, за современ третман на отпадот и за конечно решение за депонијата Дрисла. Ќе изградиме и обновиме паркови, ќе го прочистиме Вардар и другите градски реки. Целта е една: Скопје да стане зелен град со чист воздух, со заштитени подрачја и со нови зелени коридори – а не сив град задушен од смог.
Третиот столб е целосната комунална обнова. Водовод, канализација и атмосферска мрежа – реконструирани и модернизирани. Довршување на булевари, нови улици, мостови, катни гаражи, клучки и кружни текови. Без ова нема вистински развој, затоа ова ќе биде еден од најсилните приоритети.

Четвртиот столб е културата и идентитетот. Во 2028 година Скопје ќе биде културна престолнина на Европа. Тоа значи дека мора да чуваме, но и да создаваме култура. Нови културни центри, поддршка за младите уметници и враќање на јавните простори за култура ќе му ја зајакнат душата на градот.

Петтиот столб е дигиталната трансформација. Скопје мора да стане паметен град – со дигитални услуги достапни за секој граѓанин, со технологија што го олеснува животот и со иновации што ја движат економијата напред.

Шестиот столб е иднината – младите и науката. Тука лежи нашата најголема сила. Поддршка за стартапи, иновациски центри, стипендии, меѓународни партнерства. Младите мора да имаат можност да останат овде, да создаваат и да ја движат државата напред.

Седмиот столб е јавната грижа и безбедноста. Скопје мора да биде сигурност за секој човек. Социјални програми за најранливите, достапна здравствена поддршка, силна противпожарна и спасувачка служба, ред во јавниот превоз и безбедни маала за сите генерации.

Почитувани,

Ова не е список на празни ветувања. Ова е визија што ќе го претвори Скопје во современ, зелен, дигитален и хуман град. Зад оваа визија стојат експерти, професори и практичари – но пред сè, стоите вие, граѓаните.

Јас не ветувам невозможни работи. Ветувам работа, одговорност и континуитет. Ветувам визија што ќе го направи Скопје град на ред, на зелени јавни простори, на модерна инфраструктура и на квалитетен живот за сите генерации.

Заедно ќе го изградиме Скопје кое ќе го сакаме, ќе го чуваме и во кое секој ќе има свое место.

Најдоброто допрва доаѓа.

А вистинскиот избор е човекот – пред сè!

Ви благодарам“.