Хамас и Турција остро го осудија пресретнувањето на флотилата која пловеше кон Појасот Газа, нарекувајќи го израелското дејствување „чин на тероризам“ и кршење на меѓународното право.

Хамас оцени дека акцијата на израелската морнарица е „гусарско и претставува поморски тероризам над цивили“, како и „предавство и агресија“ со апсење на активисти и новинари.

Турското МНР соопшти дека станува збор за „сериозно прекршување на меѓународното право што ги загрозува животите на цивили“.

Флотилата „Глобал Сумуд“ пренесува хуманитарна помош за Газа. Израелското МНР соопшти дека припадници на морнарицата се качиле на повеќе бродови, при што биле приведени активисти, меѓу нив и шведската активистка Грета Тунберг. На објавено видео се гледа како израелски војник ѝ ги враќа личните предмети по приведувањето.

„Бродовите се безбедно запрени, патниците се префрлени во израелско пристаниште, а Грета и останатите активисти се живи и здрави“, се наведува во соопштението. Активистите ќе бидат депортирани.

Во знак на протест, најголемиот италијански синдикат најави генерален штрајк, а демонстрации се одржаа во повеќе италијански градови, меѓу кои и Неапол, каде што демонстранти го блокираа железничкиот сообраќај.