Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

Беа тоа лоши години. Како што рекла онаа жена во 1917 година на патот за Битола: “Не сум ни Бугарка, ниту пак Србинка, јас сум Македонка и ми е смачено од војни!” Таа само сакала мир и подобар живот. Како и ние во тоа време пред десетина години. Подобар живот, но за сите. Наспроти другите, кои сакаа живот за себе. Кои својата неспособност и некадарност ја наплатија така што се продадоа. А, не продадоа и нас и својата татковина.

Беа тоа години на шарените и на нивното дивеење. Се сеќавате, тогаш тука се појави и Би-Би-Си кој деновиве се прослави со Трамп. И ја направи онаа „славна“ епизода за Чарлиевите ангели. За Катица, за Ленче и Фатиме. Трите грации на Бејли, на Гарет, на другите потрчковци околу нив и на корумпираното и противуставно СЈО. Години на Заев, години на прогон, на терор, години на инквизиција во Македонија. Години кога многумина се разболеа, некои и умреа, еден се самоуби, години кога на многумина невини во пет наутро дома им влегуваа специјалци, години кога многумина беа затворени. Не зашто сториле криминал, му беше сеедно на Заев за тоа, туку за да бидат уценувани.

А, оние вистинските криминалци се пазареа. Со нас и со Македонија. Како оние осум предавници кои и денес уживаат и како оние кои не гласаа зашто не беа во парламентот, ама отстранаа поттикнуваа да се изврши предавството, за да го зачуваат тоа што го украле.
А, зад сите нив застана онаа сурија на неписмени, некадарни и продадени „северни“ Би-Би-Си-евци од Македонија. Кои шетаа низ Македонија, надгледуваа, наутро жигосуваа, а попладне одеа на шалтер да си ги земат доларите и еврата. И по некој денар заработен на пазарот во Горни Милановац.

Би-Си-Си си ја извршуваше својата нарачка. Од овие три т.н. обвинителки (гледам една од нив се обидуваат во изминатиот период да ја направат некаков си вистински правен експерт) направи хероини. Чарлиевите ангели кои ја спасуваат Македонија. Истите тие ангели кои го погазија Уставот на Македонија, а кој ни до ден денешен, т.н. Уставен суд не го исчистил од калта на штиклите на грациите и нивните компањони. Распослани во ергелата на Коцевски од која се отстранети оние двајца обвинители на кои бонусите на СЈО не им беа по закон.
Тој Би-Би-Си веројатно никогаш и не бил поинаков. Имало само поинаква перцепција за него. Како што за Си-Ен-Ен сметавме дека е некаква си вредност. Си-Ен-Ен на чии новинари Трамп не им дозволува ниту прашање да му постават. „Ти си fake news“ им вели Трамп и – шетај. За чија ѕвезда – Купер Андерсон – секретарот Кенеди вели од 20-те милиони годишна плата, 15 му се од фармацевтските компании. И потоа Фајзер вакцината чинела. Нормално дека ќе чини. Ама не да чини, туку блеска.

Е, тој Би-би-Си го монтирал говорот на Трамп. Пред шест месеци. Е, сега, бидејќи ги нема „новинарските истражувачи“ од Македонија, на британски Телеграф му требале цели шест месеци за да ја склопи приказната. И открил дека Би-Би-Си го исекол делот каде Трамп повикува протестите на 6 јануари да бидат мирни, оној славен американски „27 април“ кој заврши и со жртви, и монтирал два дела од неговиот говор, оддалечени еден час меѓусебно, кои кога ќе ги споиш изгледа како да повикува на крв и насилство. И затоа потоа Бајден го имаше својт Чарлиев ангел. Извесен Џек Смит кој требало да го гони Трамп.

Не знам дали ви е јасно какво злосторство беше извршено во Македонија. Вие што ме следите – верувам ви е јасно, другите можат да ме мразат и да се обидуваат да подметнуваат сопки во тоа што го работам.

Но, како што реков и минатиот пат – Гоце не го предадоа Османлиите, туку нашите. Македонците. Па така и нас – не не предаде овој fake news Би-би-Си, таа лажлива новинарска куќа која ни ги истопори Чарлиевите анегли под нос, а сега му подметна на, ни повеќе ни помалку, американскиот претседател, туку домашните платеници. Оние платеници кои стоеја настрана и ги подбуцнуваа луѓето да шетаат по улиците, да ја фарбаат Тримуфалната порта, да го гушкаат ГТЦ низ кој денес, ако прошеташ, можеш само да ишијас да добиеш од промаја, играјќи на нивната замаеност и, што би рекол американскиот сенатор Џон Кенеди, на нивната потреба да читаат упатство за употреба на шампонот за миење коса.

Тој Би-Би-Си кој му монтирал на Трамп, сега само не потсети на времето кога нам ни ги монтираше Чарлиевите ангели. Трите грации заедно со десетина други обвинители кои беа и се срамот на македонското правосудство. Со тоа, тој Би-Си-Си ни го подметна и предавството на Македонија. И ние го „купивме“ тоа. Нашите бедни мизерни души се продадоа. Некој за еклер и скиселена боза, други, богами за милиони, кои и денес им пристигнуваат. Зошто? Затоа што се слуги. Слуги кои треба да се држат на јаженце, зашто кој знае кога пак можат да притребаат.

Е, тој Би-Би-Си со Чарлиевите ангели ни го продаде и Зоран Заев. Замислете се себеси како интелектуалец и како човек кој го гледа Заев како умствена величина. И замислете ја најдлабоката септичка јама. Ви останува само да скокнете во нејзе.
Како и да е, ова е колапсот на една перцепција за професионалците. Не знам дали Трамп навистина ќе ги тужи и дали ќе си ја земе својата милијарда. Јас би ја зел. Има премногу луѓе на улиците на кои таа им е потребна. А овие од Би-Би-Си, и со таа милијарда и без неа, нема да престанат да лажат. Како што нема да престане ни Си-Ен-Ен, ни сите други кои Трамп ги нарекува fake news. Но, за нив на интернет нема да најдете ознака дека шират лажни вести. Не, тие се професионалци. Како и оние кај нас чии деца денес се хранат од туѓата крв што ја пиеја додека не го устоличија Заев на престолот на Северна. Престол што го заслужи и со оние снимки со кои копаше по коските на децата од Смиљковско Езеро, на малата Наташа, на Мартин Нешковски, на убиените специјалци во Диво Насеље… Бедотија и мизерија.

А сепак, сега покојниот Балашевиќ (ете и јас да потпаднам под влијание на српската култура колку за да го нервирам „војводата“ на Снешка, среднокласниот бизнисмен кој го предаде секој Македонец кој во него гледаше икона) велеше дека има зборови „кои вреди да се одмолчат“. Јас би рекол – има зборови и кои треба да се кажат. Иако, понекогаш мислам дека покојниот беше попаметен. По ѓаволите, навистина можеби понекогаш е попаметно да се одмолчи.

А, потоа, од друга страна, ти доаѓа мисла дека кај нас тоа го вели нашата мачна македонска душа, која така се научила да преживее низ вековите. Да се остават работите да течат. По својот тек. Како некогашниот Аксиос. Кој и денес тече. Кој ги поминал сите империи и сите војски кои протрчале, побавно или побрзо, низ ова, за многумина „проклето“ парче земја. Проклето за тие многумина кои умреа прерано, кои загинаа и ги оставија своите деца да се мачат, додека оние на предавниците се шетаа и се шетаат по белосветските центри со дипломи од тамошните универзитети праќајки ни слики од монденските места.
И навистина, не знае човек што е попаметно. Да одмолчи или не? Да ги крене нозете на маса, да запали една иако сите можни кардиолози, пулмолози и ревматолози му рекле да не го прави тоа, и да си го пие на мира кафето. Без шеќер, зашто така било здраво, нели? И да ги остави работите да течат. Самите да си дојдат на своето место. Ако некогаш навистина дојдат.

Но, секој понекогаш прави глупости кои не може да си ги објасни. Меган Кели го праша д-р Патрик Сун Шионг, човекот со 10 милијарди долари, зошто и натаму се бори за неговата вакцина за рак, која докажано лечи, зошто води војна со корумпираната ФДА, кога може на своите 70 години, по 40-тина и повеќе години научна работа, да се излежува на некоја карипска плажа (тој нема потреба да објавува на фејсбук колку пари чини една лежалка на ден, ниту да им кажува на скопјанчиштана колку е скап Охридон) и да си го пие својот коктел од исцедени овошја, направен така што сите бои ќе бидат наредени една врз друга без да се мешаат. Со парче ананас на врвот и задолжителниот прибор на секој што носи хавајски гаќички за капење – шареното чадорче.

А тој вели: „Тоа ми е работата. Да се изборам со ФДА. Не можам да одам на Карибите“. Има 70 години, има 10 милијарди долари. И, и натаму се бори за луѓето. Не за себе. Тој себеси си ја инјектирал вакцината и заштитен е во наредните 15-тина години. Се бори за другите.

И, по ѓаволите, навистина не знам дали човекот е во право. И дали треба да постапиш како него. Или да ги кренеш нозете на маса. Дури и ако немаш 10 милијарди. Па дури ако немаш ни „вода во очите“. Освен по некоја залутана капка. Без хлор, се разбира, зашто така е поздраво! Ама, бадијала размислувам за тоа, кога и овие редови отидоа во етерот. Значи, ништо од мојот коктел. Не на Карибите, далеку се тие за мене, ама дури не ни на исушеното Преспанско Езеро. Каде можам да добијам коктел од прскани јаболка. Но, ете барем потсетив на Чарлиевите ангели и на Би-Би-Си, истиот тој Би-Би-Со кој сега во своето досие на fake news го стави и Доналд Трамп. По ѓаволите!