Британскиот премиер Кир Стармер најави дека ќе се фокусира на склучување договори со другите нации за време на неговото патување на самитот на Групата 20 (Г20) во Јужна Африка, нагласувајќи дека е „навистина важно“ да се присуствува на собирот кој го бојкотира американскиот претседател Доналд Трамп.
Стармер денеска пристигнува во Јоханесбург, а од Даунинг стрит соопштија дека тој ќе ја искористи посетата за да објави договори во вредност од 400 милиони фунти (523 милиони долари) за возови, авиони и подморници.
Самитот на лидерите, кој се одржува на 22-23 ноември, беше под закана да биде засенета од бојкотот на американскиот претседател и американските функционери поради широко отфрлените тврдења дека белците се прогонувани во Јужноафриканската република (ЈАР), пишува германската новинска агенција ДПА.
Претседателот на ЈАР Сирил Рамафоса, вчера изјави дека се водат разговори за промена на одлуката за учество на САД.
Новинарите кои патуваа со Стармер побараа коментар од него за отсуството на Трамп. – Што се однесува до присуството, очигледно претседателот Трамп ја изнесе својата позиција. Мислам дека е навистина важно да се биде таму и да се разговара со другите партнери и сојузници за да можеме да продолжиме со дискусиите околу глобалните прашања што мора да се решат и кои имаат влијание дома, но и да ја искористиме можноста лице в лице за да ги унапредиме договорите што сакам да ги склучам за нашата земја, посочи британскиот премиер.
Тој, исто така, нагласи дека „во последните три години, работните места што се генерирани во Велика Британија од земјите во Г20 се 200.000, а фокусот во Буџетот ќе биде многу насочен кон економијата и трошоците за живот“.
– Ќе се фокусирам на договорите што можеме да ги склучиме, на бизнисот што можеме да го работиме со нашите партнерски земји и да се погрижам работата што ја работиме на меѓународно ниво да има директно влијание дома, додаде тој.
Кинескиот претседател Си Џинпинг е исто така меѓу лидерите кои се очекува да го прескокнат мултилатералниот форум, дизајниран да ги собере водечките светски економии. Се очекува неговото место да го заземе кинескиот премиер Ли Чијанг, но Стармер одби да каже дали ќе се сретнат.




