Од вкупниот број новорегистрирани пациенти на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија минатата година, половина односно 2.540 пациенти се од машкиот пол, покажуваат статистичките податоци на Клиниката. Најчести малигни заболувања кај машкиот пол се канцерот на простата, на дигестивен систем и на белите дробови. Мината година завршивме со 494 новорегистрирани пациенти со рак на простата. Секоја година за 30 до 40 пациенти се зголемува бројот на новорегистрирани пациенти со канцер на простата, изјави денеска директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски.

Канцерот на белите дробови, посочи тој, е 2,6 пати почест кај мажите отколку кај жените, канцерот на дигестивниот систем е два пати пофреквентен кај мажите отколку кај жените, канцерот кај мочниот меур пет пати повеќе се јавува кај мажите отколку кај жените, а канцерот на грлото е 25 пати почест кај мажите отколку кај жените. Потенцира дека минатата година имале само четири жени со канцер на грло и 102 мажи со канцер на грло.

Се препорачува во петтата деценија да се почне со скрининг прегледи за карцином на простата. Се намалува старосната граница и кај помлада популација се јавува болеста. Канцерот на белите дробови, мочниот меур и на грлото кај машкиот пол се поврзува со пушењето, додаде доктор Стојковски пред почетокот на панел дискусијата „Чекор кон машко здравје – Онколошки и клинички перспективи“, што се одржа во организација на Здружението Хемаонко посветено на пациенти со рак и нивни негуватели.

Ана Марјановиќ од Здружението Хемаонко рече дека со години се грижат да се подигне свеста кај мажите и жените за тоа колку се важни превентивните прегледи од причина што два од овие три канцери за кои ќе зборуваат во 99 проценти се излечливи ако се дијагностицираат во првата фаза и апелираат мажите да прават самопрегледи кога станува збор за тестиси. Посочи дека мажи на возраст над 50 години да се јавуваат на уролог, а доколку имаат симптоми и порано.

Во Македонија официјална скрининг програма недостига и тоа е нешто на кое државата мора да работи. Од друга страна нема изградено стратегија за превенција од малигни заболувања. Многу малку посветуваме внимание на тоа да се превенира пушењето, посебно во борбата со ракот на белите дробови, а од друга страна воопшто гласно не зборуваме за загадувањето. Неспорен факт е дека посебно во главниот град и во останатите градови кои се со големо загадување расте бројот на заболени од рак на белите дробови и тоа не треба да се игнорира. Тука се и останатите пулмолошки заболувања, а од друга страна кога правиме муабет за превентибилните, односно оние канцери кои можат да се детектираат сметам дека едукацијата на населението е задолжителна. Очигледно се што е оставено на ниво на свесност на граѓаните не вродува со резултати, рече Марјановиќ.

Затоа, потенцираа таа, сметам дека решението и детекцијата на канцерите во пораните фази е задолжителни скрининг програми од сите области и бели дробови и простата со што значајно ќе се намали бројот на заболени во Македонија.

Ноември е месец посветен на подигнување на свеста за здравјето на мажите, но и цела година продолжуваме да работиме на превенција и подигнување на свеста кај населението. Еден од главните проблеми кога зборуваме за здравјето на мажите е нивната апсолутна незаинтересираност да работат на сопственото здравје од причина што имаат тендеција да ги игнорираат симптомите и доаѓањето на лекар и статистиката покажуваат дека тие шест до осум пати подоцна се јавуваат на лекар за разлика од жените при појава на први симптоми, додаде Марјановиќ.

Директорот на ЈЗУ Здравствен дом Железничар, Спасе Јанев рече дека како здравствени работници треба да работат повеќе на подигнување на свеста особено кај машката популација за одење на редовни превентивни прегледи.

Здравствениот дом Железничар организира бесплатни скрининг иследувања во однос на ПСА специфичниот простата антиген каде дискрепанцата на испитаници се движи од најчесто од 65 до 85 годишна возраст. Неопходно е да се спушти границата и да стигнеме како онаа во светски рамки на појава над 45-годишна возраст. Ако некој почувствува симптом и на 40 до 45 годишна возраст треба да дојде на преглед. Многу е битно да го подигнеме тоа ниво на самосвест кај машката популација за редовно да ги направат тие прегледи. Сите наши сограѓани на 45 до 55 годишна возраст која е најкритичната да го остварат своето право на скрининг. Скрининг програмата во Здравствен дом Железничар се спроведува секој четврток од 11 до 13 часот и секој може да дојде со лична карта, истакна доктор Јанев.

Според него, реформите во здравствениот систем се најбитното нешто и ги повика колегите прегледите да се организираат на ниво на национален скрининг и кампања и да се подигне самосвеста кај секој сограѓанин.