Внатрепартиските тензии во СДСМ добија нова димензија откако поранешниот висок функционер Васко Кичевски јавно го обвини лидерот Венко Филипче дека со последните политички потези ја влече партијата во опасна зона.
Според него, начинот на кој се води СДСМ не наликува на демократска организација и личи на управување мотивирано од личен опстанок, а не од интересот на членството. Кичевски смета дека Филипче се наоѓа во улога на човек кој очајнички се обидува да се одржи на позицијата и при тоа ги префрла вините за неуспесите на сите други околу себе.

„Коцкарот кога губи, посегнува и по последното што го поседува, а тоа е неговиот дом,“ предупредува тој, алудирајќи дека Филипче ја става партијата на коцка само за да се зачува лично. Во неговата анализа, лидерот на СДСМ е соочен со две можни патеки, но ниту една не носи стабилност. Првата е да се обиде да постигне договор со различните струи во партијата, но тогаш, како што вели Кичевски, Извршниот одбор би останал суштински ист и „диригентската палка, се разбира, нема да биде кај Венко“.
Втората опција е Филипче да формира автономен Извршен одбор составен според негови мерки и без влијание на внатрешните групации, но тогаш ризикува да остане без кворум во Централниот одбор, што практично би ја блокирало способноста на партијата да носи одлуки. Кичевски дополнително укажува дека последните чекори на раководството само го разголиле суштинскиот проблем: отсуство на демократски механизми и концентрација на моќ без контрола.
„Потегот што го повлече Венко уште еднаш покажува дека СДСМ е султан-партија и нема никаква врска со демократска партија,“ вели тој, инсистирајќи дека моделот на функционирање мора да се промени од темел. Како излез, Кичевски смета дека измената на Статутот е неопходна и итна, бидејќи само со сериозна реформа партијата може да го врати демократискиот капацитет и да спречи понатамошно продлабочување на кризата што, според него, веќе станува егзистенцијална.




