Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски престојува во работна посета на Брисел, при што денеска ќе учествува на „Самитот ЕУ-Западен Балкан 2025“ што го организира бриселскиот тинк-тенк Пријатели на Европа, а утре и на Министерскиот совет на Транспортната заедница.

Николоски синоќа присуствуваше на настан организиран од Пријатели на Европа за учесниците на „Самитот ЕУ-Западен Балкан 2025“.

– Во Брисел во организација на влијателната тинк тенк организација Пријатели на Европа дел од годинешниот настан кој е посветен на проширувањето на ЕУ. Плодни средби и одлични разговори во интерес на Македонија, објави вицепремиерот Николоски на својот профил на Фејсбук.

На форумот, Николоски ќе има обраќање на првиот панел насловен „Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и економска граница на Европа“, заедно со претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, албанскиот премиер Еди Рама, молдавската вицепремиерка Кристина Герасимов и поранешниот еврокомесар за проширување Стефан Филе.

Во најавата за панелот се наведува дека Западниот Балкан долго време беше сметани за периферен проблем, но глобалната фрагментација и конкуренција го поставија во центарот на разговорите за иднината на европската безбедност.

– Среде војната меѓу Русија и Украина, менувањето на американските приоритети и зголеменото регионално влијание од Кина и други земји, проширувањето на ЕУ доби нова итност и сложеност. Свртувањето на ЕУ кон „геополитичко проширување“, означува потенцијално поместување од технократско кон стратешко размислување. Стабилен, демократски и интегриран регион на Западен Балкан е од суштинско значење за безбедноста на ЕУ и нејзината отпорност кон надворешно влијание, се вели во најавата.

Сепак, според организаторите, и покрај новата реалност клучни остануваат прашањата дали ЕУ може да ѝ даде предност на стабилноста, пред строгата условеност на пристапниот процес и дали Западниот Балкан може да ги надмине внатрешните предизвици за да го искористи сегашниот момент.

Во тој контекст, нејасно е како ЕУ ја прилагодува својата политика за проширување во светлината на интензивираната геополитичка конкуренција и што значи тоа за местото на Западен Балкан во пошироката стратешка визија на Европа.

Дополнително, тоа го покренува прашањето до кој степен надворешните актери, како Русија и Кина, влијаат на преобликување на политичката и економската динамика на регионот и какво влијание има тоа врз посветеноста на ЕУ кон пристапниот процес.

Оттаму, остануваат отворени дилемите дали актуелните геополитички ризици и стратешката можност ќе послужат како катализатор за долгоочекуваниот напредок во проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан или пак само ќе ја зајакнат инерцијата и ќе го зацврстат статусот кво, како и дали потреба за геополитичка стабилност ќе го забрза пристапниот процес или постојаните проблеми поврзани со владеењето на правото, демократското назадување и регионалните спорови ќе продолжат да го одложуваат напредокот.

Покрај овој панел на собирот се предвидени и панелите „Отклучување на инвестициите: Поттикнување на растот, зголемување на отпорноста“ и „Реформа на правосудството: Спроведување на значајни промени“.

Во најавата на форумот се посочува дека 2025-та претставува критична година за проширувањето на ЕУ, која во услови на геополитички превирања, како доаѓањето на новата Американска администрација, парламентарните избори и во Косово и во Албанија и тековните студентски протести во Србија, се соочува со предизвикот да ги преиспита своите граници, безбедност и стратегија за добрососедство.

– Што значи брзо менувачката геополитичка ситуација за пристапувањето на Балканот? Како може да се поттикне економијата на регионот со создавање поволни услови за инвестиции? Дали транспарентноста, отчетноста и реформите на правосудниот систем ќе се справат со предизвикот?, се додава во најавата.

„Самитите ЕУ-Западен Балкан“ на „Пријатели на Европа“ се годишни собири на кои владини претставници, експерти, бизнисмени и граѓански активисти дебатираат за прашања поврзани со актуелни настани во Европа и регионот.

Утре, пак, Николоски ќе учествува на Министерскиот совет на Транспортната заедница, на кој ќе се разговара за напредокот на земјите од Западниот Балкан во делот на транспортната политика и реализација на инфраструктурни проекти.

Според најавата, Николоски на Министерскиот совет ќе говори за транспортните политики на земјава, напредокот и реализација на проектите на европските транспортни Коридор 8, 10 и 10-д, како и за мерките и активностите за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западниот Балкан.

На состанокот, со кој ќе претседава еврокомесарот за одржлив транспорт и транспорт Апостолис Ѕиѕикостас, покрај Николоски ќе учествуваат министри за транспорт и владини претставници од Албанија, Бугарија, Ирска, Кипар, Косово, Романија, Словенија, Србија, Црна Гора и од други европски земји.

Покрај ова, за време на престојот во Брисел предвидено е Николоски да има и повеќе средби со претставници на Европската Комисија. (МИА)