Граѓаните денес со право очекуваат резултати, очекуваат декларативната волја за борба против корупцијата, да ја видат во пракса. Борбата против корупцијата не е натпревар меѓу институциите, тоа е заеднички фронт во создавање подобро општество за сите, порача денеска претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ на настанот посветен на 9 декември – Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

Во своето обраќање новоизбраниот претседател на ДКСК истакна дека голема е честа да се биде на чело на оваа институција, но, нагласи дека уште поголема е одговорноста што таа ја носи со себе, особено во време кога  очекувањата на јавноста се високи, а потребата од интегритет и системски промени е неопходна и итна.

Тој во својот говор се осврна на клучните активности на ДКСК во престојниот период во насока на изградба на поефикасен систем за превенција на корупцијата – изготвување на нова национална стратегија за превенција на корупцијата 2026-2030 година, промовирање на интегритетот и подигање на јавната свест за лобирањето.

-Целта е преку овие механизми да ја засилиме довербата во институциите, да го зајакнеме нивниот капацитет, да го штитат јавниот интерес и да придонесеме за подобро и побрзо приближување на Северна Македонија кон европското семејство, рече првиот човек на ДКСК.

Изготвувањето на новата Национална стратегија е во завршна фаза и како што посочи тој нивната визија е таа да не биде само декларација, туку алатка за реални промени.

-Затоа таа ќе биде концизна и фокусирана на секторски на состојбите  најранливи на корупцијата, со јасни и остварливи мерки и активности. За успехот на Националната стратегија е потребен ангажман од целото општество, Собранието, Владата, локалната самоуправа, правосудството граѓанскиот сектор, медиумите, рече Чучуљ.

Во однос на интегритетот нагласи дека особено значајно, ако не и најважно е воспоставување на систем за одговорна отчетност, спроведување на мерките и активностите кои ќе бидат утврдени.

-Интегритетот е поим кој се почесто го слушаме, кој не е административна процедура,  тоа е морален капитал, тој е темел на доброто управување и стратешки и одржлив одговор на ризиците од корупцијата. Коку е посилен интегритетот толку  е помала корупцијата, рече Чучуљ и додаде дека ДКСК веќе неколку години го промовира системот на интегритет и го поддржува работењето на лицата за интегритетот во институциите.

Како особен предизвик посочи дека ќе претставува прилагодување  имплементација на системот интегритет во институциите на правосудството, за што со поддршка на нашите партнери, додаде, ќе вложиме максимални напори во периодот што следи.

Во однос на лобирањето истакна дека современите демократски системи не ја исклучуваат комуникацијата меѓу институциите, граѓаните и приватниот систем, но кога таа комуникација се одвива надвор од институционални рамки, станува извор на ризици.

-Затоа целта на ДКСК во наредниот период е да ја подигне свеста на лобирањето односно лобирањето мора да биде регулирано. Контактите со носителите на јавни функции треба да бидат транспарентни. Јавноста мора да знае кога кога, кој и во чие име влијае врз донесување на одлуките. Целта е се стави крај на културата на неформални центри на моќ и да се изгради систем во кој влијанието е легитимно. Во наредниот период со поддршка на меѓународните фактори ќе преземеме активности за подигање на јавната свест за лобирањето преку инклузивен процес со сите релевантни чинители, додаде првиот антикорупционер.

Претседателот на Собранието Африм Гаши истакна дека корупцијата не е само законски прекршок, туку длабока општествена рана што го допира животот на секој граѓанин, ги разнишува темелите на демократијата и го забавува економскиот потенцијал.

-Таа е невидливата рака што им ги краде правата и надежите на луѓето. За жал, овој порок е и главната причина зошто нашите најсветли умови ја гледаат својата иднина надвор од земјата. И ова повеќе не е само начин на гледање на реалноста, туку факт потврден во секој меѓународен извештај и во секоја домашна анкета. Иако се претпоставува дека политиката треба да го подобри животот и да ја гради иднината, трагично е кога една земја ќе дојде до точка каде што за многу граѓани зборот „политика“ се поврзува со зборот „корупција“. Ова е индикатор дека веќе не се соочуваме само со институционален проблем, туку со длабока рана во општествената култура, менталитет кој е вкоренет години наназад преку злоупотреби и разочарувања. Соочени со ваквата реалност, не е доволна само да реагираме, туку пред се, неопходно е сите заедно да размислиме, отворено да го признаеме предизвикот и храбро да дејствуваме, рече Гаши.

Тој додаде дека Национална стратегија за спречување на корупцијата 2026–2030 претставува неопходна пресвртница и одразува нова визија за тоа како треба да функционира државата, визија изградена врз сериозна анализа на ризик, врз европските практики, како и врз обемни консултации со институции, експерти, меѓународни партнери и граѓанското општество.

-Додека Стратегијата се наоѓа во својата најинтензивна фаза на подготовка, сакам посебно да ја истакнам работата на Државната комисија за спречување на корупцијата и да ја реафирмирам целосната поддршка на Собранието за овој процес. Убеден сум дека ниту една стратегија, колку и да е добра, не може да даде резултати без одговорно, активно и независно Собрание во вршењето на своите функции. Собранието е камен-темелник на владеењето на правото и институцијата каде што се поставуваат стандардите за јавен интегритет. Преку законодавната функција, ги затвораме можностите за злоупотреба; преку надзорната функција, ја држиме извршната власт одговорна; а преку претставничката функција, ние сме гласот на граѓаните кои бараат, очекуваат и заслужуваат правда и чесност, додаде Гаши.

 

Во овој дух, продолжи тој, од денот кога ја презедов одговорноста да ја водам оваа институција, поставив јасни приоритети за нов стандард на транспарентност, зајакнување на одговорноста, унапредување на институционалната етика и отворање на Собранието кон општеството.

-Започнавме неколку нови процеси на дигитализација и ги консолидиравме механизмите што го прават Собранието пример за интегритет, бидејќи само институција што одржува највисок морален и правен стандард може да го бара истото од другите и навистина да придонесе за праведна и некорумпирана држава. Затоа, кога станува збор за Собранието, сакам да бидам прецизен и јасен: Собранието не е набљудувач на оваа битка, туку компасот што ја насочува државата по патот на интегритетот, додаде Гаши.

Претседателот на Собранието нагласи дека борбата против корупцијата не се води сама по себе и не се ограничува само на закони и стратегии. Таа, како што посочи, бара култура на интегритет, личен пример, политичка одговорност и општествена свесност, таа се спречува и се надминува тогаш кога ја одбиваме рамнодушноста.

-Говорот го започнав со опишување на состојбата и последиците до кои нè доведе корупцијата, а сакам да го завршам со уверувањето дека корупцијата процветува таму каде што молкот е норма и каде што се предаваме пред овој озлогласен феномен и пред слоевитиот стар менталитет. Еден афоризам нè потсетува дека „Корупцијата е како снежна лавина: откако ќе почне да се тркала, може само да расте.“ Но, таму каде што општеството се издигнува, каде институциите преземаат одговорност и каде граѓанинот одбива да ја прифати неправдата како судбина, тоа е точката кога лавината почнува да се топи, заклучи Гаши.

Фото: Архива