Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, утрово добил смс-порака за сторен сообраќаен прекршок забележан од системот „Сејф Сити“, додека со своето приватно возило се движел кон Кавадарци, каде денеска се одржува партискиот конгрес на ВМРО–ДПМНЕ.

Како што објави тој на Фејсбук, системот регистрирал движење со брзина што ја надмина дозволената за 1 километар на час.

Screenshot

– Утрово, движејќи се со своето приватно возило кон Кавадарци каде што денеска се одржува партискиот конгрес, добив смс порака за сторен сообраќаен прекршок констатиран од системот „Безбеден град“, бидејќи сум се движел со 1 км/ч над дозволената брзина. Ова е најдобрата илустрација за тоа како треба да функционира државата. Системот важи и постапува еднакво кон сите и ако регистрира прекршок – санкцијата следи, без разлика кој е во возилото. Нема исклучоци, нема селективност, нема привилегирани. Управувањето со возило е обврска, не привилегија. Така се гради доверба, така се гради безбедност. Целта на „Безбеден град“ не е казнување, туку ред, дисциплина и спасување човечки животи. Со алармантниот број на жртви на патиштата што го имаме, мора да покажеме личен пример и одговорност. Оваа држава ќе биде посигурна само ако законите важат подеднакво за сите, вклучувајќи не и нас кои сме најодговорни за нивното спроведување, напиша Тошковски во објавата на Фејсбук.