По два дена шпекулации каде е апелациониот судија Ѓоко Ристов се огласи Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Од ОЈО ГОКК претходно информираа дека во домот на родителите на Ристов во Неготино, пронајдени биле 350.000 евра соѕидани во ѕид.

Од ОЈО ГОКК денеска соопштија дека Ристов бил сослушан и ќе биде побарано судот да му одреди куќен притвор и да му биде земен пасошот.

-Денеска предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор, елат од ОЈО ГОКК.

Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.

Судијата е осомничен за сторени кривични дела противправно стекнување и прикривање имот и перење пари и други приноси од казниво дело.