Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски утрово во Загреб одржа работна средба со потпретседателот на Владата на Хрватска и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура, Олег Бутковиќ.

На средбата на која се потврдија одличните билатерални односи меѓу двете земји, двајцата вицепремиери во фокус на разговорот го истакнаа проблемот со транспортерите и новиот систем за електронска евиденција во земјите од Шенген зоната.

Вицепремиерот Николоски потенцира дека проблемот е суштински и се однесува за транспортниот сектор од целиот регион од Западен Балкан. Во своето излагање тој дополни дека овој проблем има поголем размер кој ги опфаќа и компаниите од ЕУ кои инвестирале во Западен Балкан, а кои се извозно ориентирни кон европските пазари.

Во таа насока, побара силна подршка од Владата на Хрватска во изнаоѓање на соодветно решение на ниво на Европската Унија со кое ќе се олесни работењето на македонските и регионални превозници.

Двајцата говорници го отворија и прашањето за унапредување на соработката во делот на транспортниот сектор. Особено се истакна соработката во железничкот сектор и можноста за набавка на нови возови и локомотиви како и за модернизација на возниот парк за потребите на МЖ Транспорт.

На средбата се разговараше и за зголемување на економската и трговска соработка меѓу двете земји, ставајќи фокус на инфраструктурни проекти, нагасувајќи ја можноста за учество на специјализирани компании од Хрватска во реализација на истите.

Двајцата вицепремиери ја потенцираа важноста од средбата на која беше нагласена и потребата од силна подршка на Македонија во евроинтегративнте процеси, а дополнителено се заложија за интензивирање на економската соработка меѓу Македонија и Хрватска.

Денешната работна посета на Загреб, вицепремиерот Николоски денеска ја продолжува со средби со претседателот на Стопанската Комора на Хрватска, бизнис секторот, како и со претставници на Собранието на Хрватска.